Судијката на случајот „Рекет“ Васка Николовска Масевска им рече на новинарите дека нема никакви притисоци повикувајќи ги дваесетината известувачи од судот на кафе и на брифинг на кој одговараше на прашања и нејаснотии околу текот на постапката.
„Јас седам на тоа место како судија од одделот на организиран криминал, во име на граѓаните и тие треба да знаат кој ја води постапката и кој ќе ја донесе пресудата”, рече Николовска-Масевска и додаде дека во име на транспарентноста, се надева оти нејзиниот пример за средби со новинарите за случаи од висок јавен интерес, ќе го следат и останатите судии.
На новинарско прашање во врска со “Рекет” таа кажа дека Бојан Јовановски предложил 12, а Катица Јанева 13 сведоци, меѓу кои има и поранешни специјални обвинители. Уште 8 рочишта има закажано до 15 март, за кога таа мислеше дека ќе го заврши “Рекет”, но не е сигурна дали поради некои одлоѓувања на рочишта до тогаш ќе има и неправосилна пресуда.
Поради неколку одлагања, рокот, рече судијката, може да биде малку пробиен. Нема политички притисоци и воопшто не ја интересира дали и кому ќе се допадне или не, нејзината пресуда. Не ја интересира, како што рече, ни дали пресудата ќе се поклопи со изборите, бидејќи тие никогаш не ѝ биле таргет за завршување на ова судење.
С. К. ДЕЛЕВСКА