Град Скопје почна со асфалтирање на делот од булеварот Трета македонска бригада во Општина Аеродром, што беше пресечен со перална. Бидејќи пералната додека се градеше булеварот не беше урната поради судски спор, во тој дел сообраќајницата се стеснува, односно 4 години наместо по две се возеше по една коловозна лента.
Град Скопје лани во септември конечно го доби спорот со сопственикот на пералната и во октомври таа беше урната. Но, и за пробивањето на овој дел се чекаше пола година. Наместо веднаш да се стави асфалт, тоа се прави дури денес. Екипи на ЈП „Улици и патишта“ по налог на Градот го асфалтираат просторот и велат дека од утре потег ќе биде прооден без пречки и стеснување на булеварот.
„Чекавме времето малку да затопли за да може да асфалтираме. Денеска ќе ставиме два слоја асфалт, а за третиот слој треба температурите да се повисоки, па тоа ќе го правиме кон средината на март. Но, по булеварот од утре ќе може да се вози“, велат од ЈП „Улици и патишта“.
Ексградоначалникот Коце Трајановски, при пуштањето на булеварот пред 4 години, кажа дека за објектот имало постапка за експропријација и затоа не можеле да ја урнат пералната, па булеварот во еден дел наместо две има една коловозна лента.
Поради пресечениот булевар, ова место изминативе три години е црна точка во Скопје. Никаде на булеварот нема сообраќајни знаци за предупредување, па во овој дел се случија повеќе сообраќајни несреќи, дури и со жртви.
А. АНТЕВСКА