Најмалку 22 луѓе се убиени и 94 се повредени во експлозија на свадба во саботата навечер во турскиот град Газиантеп, соопшти регионалниот гувернер.
Турската Влада експлозијата ја поврза со „терористички напад“ и претпоставува дека била предизвикана од бомбаш самоубиец.
Газиантеп, кој е град главно населен со Курди се наоѓа во југоисточниот дел од државата, на околу 60 километри од границата со Сирија. Во истиот град во мај беа убиени двајца полицајци исто така од бомбаш самоубиец.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за бомбата, но владини извори велат дека би можела да биде дело на таканаречената Исламска држава, за која е познато дека дејствува во граничната зона со Сирија.
Турција годинава беше погодена од серија бомбашки напади и од ИСИС и од курдските милитанти. Последниот голем терористички акт беше нападот на аеродромот во Истанбул во јуни, кога беа убиени повеќе од 40 луѓе.