ЗОШТО ВЕ ПРАШУВА БЕЏЕТИ ВАС МИЈАЛКОВ ЗА СВЕДОЦИ ВО „МОНСТРУМ“, КАКО СТЕ ГИ ЗНАЕЛЕ КОГА НЕ СТЕ СУДИЈА, ТУКУ ДИРЕКТОР НА УБК, ГО ПРАША ФАТИМЕ ФЕТАИ

    ЗОШТО ВЕ ПРАШУВА БЕЏЕТИ ВАС МИЈАЛКОВ ЗА СВЕДОЦИ ВО „МОНСТРУМ“, КАКО СТЕ ГИ ЗНАЕЛЕ КОГА НЕ СТЕ СУДИЈА, ТУКУ ДИРЕКТОР НА УБК, ГО ПРАША ФАТИМЕ ФЕТАИПокрај Сашо Мијалков, денеска на „Монструм“ треба да сведочат и Синиша Алексовски и Муса Џафери. (Фото: К. Попов)

    Сашо Мијалков, директор на УБК кога се случи петкратното убиство кај Смиљковско езеро на 12 април 2012 година, на денешното продолжение на судењето „Монструм“, одговараше на прашања првин на обвинителката Фатиме Фетаи. Таа го потсети на разговори што ги водел во врска со настаните по убиствата, конкретно на анализата што сакал да ја направи за настанот после подигнато обвинение, што не му било работа како директор на УБК.

    „Зошто имало потреба за анализи да правите, се сомневавте во вашите резултати?“, го праша Фетаи.

    „Редовна процедура беше да се прават анализи за крупните случаи“, рече Мијалков.

    „Анализа правите во јануари 2013 година, а обвинение веќе е поднесено“, го потсети Фетаи.

    „Не се сеќавам на таа конкретна анализа“, рече Мијалков.

    „Разговарате со Гордана Јанкулоска, се спремате да повикате и луѓе на презентацијата“, продолжи да го потсетува Фетаи на разговорите што ги водел 9 месеци по петкратното убиство, кога истрагата е завршена.

    „Не можам да се сетам, правевме многу анализи“, повторуваше тој.

    „Дали се сеќавате, додека траеше истрагата, со Муса Џафери дека сте збореле на 10.10.2012 година? Ве прашува за сведоци во судска постапка. Му велите не сум во тек, ќе проверам. Како вие тоа проверувате во судска постапка? Како можете од позиција на директор на УБК да проверувате за сведоци во судска постапка и зошто вас ве прашува кога судењето е јавно?“, бараше Фетаи објаснување од Мијалков во контекст на расчистување на сомневањата на четворицата обвинети дека тајните служби биле вмешани.

    „Не се сеќавам, навистина. Ама од овој транскрипт од разговор што ми го читате, одговорот сум го дал таму, дека не сум во тек“, одговори Мијалков.

    На прашање на застапникот на оштетените, дали ѝ кажал на Јанкулоска оти Блерим Беџети не сака да потпише и испрати барање за екстрадиција на избеганите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, Мијалков кажа дека не се сеќава на таков разговор.

    Потоа го прашуваше и одбраната за детали од разговори што ги водел тогаш, за имиња што ги спомнувал, но сведокот објасни дека тоа е размена на информации, а во чие откривање учествувала и УБК, но дека истрагата ја воделе Бирото за јавна безбедност и обвинителот, кој на крајот ги ценел тие докази и информации.

    „Доаѓаа многу и точни и неточни информации. Сето тоа се селектираше и тоа што ќе се комплетираше како доказ одеше се презентираше пред обвинителот“, кажа Мијалков во врска со деталите што ги разговарал по телефон, а за кои се фаќаа денеска во судницата како обвинетите, така и родителите на убиените деца.

    По Мијалков, ќе сведочат тогашниот министер за правда Блерим Беџети и советникот на Ѓорге Иванов, разузнавачот Синиша Алексовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира