Од денеска ЈП „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) почна да ги поставува машините за рециклирање на пластични и стаклени шишиња, а после изборите ќе враќаат пари на граѓаните.
Досега набавени се 9 машини, а до крајот на годинава треба да стигнат уште 18, кои ќе бидат распоредени низ целата територија на Општина Центар. За секое фрлено шише во овие машини граѓаните ќе добијат по 1,5 денар на новата платежна картичка „Грин пеј кард“, која ќе биде пуштена во употреба по поставувањето на машините.
„Центарци наскоро ќе го започнат светскиот тренд во рециклирање и ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад со цел да придонесат во одржување на јавната чистота и да обезбедат здрава и чиста животна средина во општината. Со картичка на која ќе собираат пари од рециклирањето ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и слично или да плаќаат за паркирање“, вели Васко Кичевски директор на ЈП „Паркинзи Општина Центар.
За реализација на овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година.
А. АНТЕВСКА