Две години по големиот одрон, започна да се санираат карпите од Цуцка на влезот во Велес. Градежните зафати опфаќаат и поправка на регионалниот пат Велес-Градско, поради што тој е затворен за возила, па патничкиот сообраќај се одвива само по автопатот.
Инвеститор на работите е ЈП за државни патишта, кое најави дека вкупните предвидени зафати треба да чинат 62,4 милиони денари, а рок на изведба е осум месеци, до средината на октомври. Изведувач е фирмата „Стендон градба“ од Битола и се работи во три фази.
„Деновиве во првата фаза се гради потпорниот ѕид меѓу пругата и коловозот, по што следи поставување на нова еластична ограда. Втора фаза опфаќа чистење од оштетени и испукани карпи, а во третата се поставуваат анкери врз кои ќе се вршат торкетирање и поставување на заштитна мрежа и габиони за трајно стабилизирање на карпата“, изјави Блажо Петров од „Стендон градба“.
По завршувањето на градежните работи ќе се асфалтира овој дел од патот.
Бидејќи во земјава немало стручни лица кои ќе извршат минирање на карпата, на втората фаза ќе работат хрватски стручњаци и алпинисти. Од 8 до 16 часот додека се изведуваат работите, исклучена е струјата на железничката пруга и во тој период не се одвива железничкиот сообраќај на делницата Велес-Гевгелија-Солун.
Одронот од карпата Цуцка се случи на 13 март 2018. Тоа го стопираше и железничкиот и патничкиот сообраќај. Железница реагираше бргу и за два дена го отстрани одронот, додека камењата од патот, кои беа проценети дека се тешки 25 тони, се отстранија после 24 дена. Изминатиот период, сообраќајот на оваа делница се одвиваше по една коловозна лента.
П. ПЕЧКОВ