БЕЗ ДОЗВОЛА НА ОПШТИНАТА ИСЕЧЕНИ ДРВЈАТА ВО СПОРТСКИОТ ЦЕНТАР ВО ТЕТОВО

    БЕЗ ДОЗВОЛА НА ОПШТИНАТА ИСЕЧЕНИ ДРВЈАТА ВО СПОРТСКИОТ ЦЕНТАР ВО ТЕТОВО

    Откорнати се сите дрвја во спортскиот центар во Тетово, кој беше единствената слободна зелена површина во градот. Сечата ја извршил новиот закупец на овој простор, кој месецов почна да го реконструира центарот. Од Општина Тетово велат дека сечата на дрвата е направена нелегално.

    „Оваа површина преставува градежно изградено и уредено земјиште со намена за спорт и за рекреација. Општина Тетово за просторот на спортскиот центар во Тетово има издадено само одобрение за поставување урбана опрема. Што се однесува до сечењето на дрвјата на оваа површина, инвеститорот што ги врши градежните работи не ја добил потребната согласност од страна на Јавното комунално претпријатие Тетово. Инспекторатот на Општина Тетово има отворено соодветна постапка и пријава против субјектот што го извршил ова дело“, велат од Општина Тетово.

    Од новиот закупец на спортскиот центар, фирмата „Сат бус Тетово“, велат дека дрвјата, кои биле стари и болни, би преставувале опасност за идните посетители на спортскиот центар, кој за шест месеци треба целосно да биде реконструиран.

    „Дрвјата беа трули, при поголем ветер се кршеа и паѓаа на земја и затоа одлучивме да ги исечеме, а заради безбедноста на идните посетители на спортскиот центар“, изјави Агрон Илјази, преставник од фирмата закупец.

    Тој додаде дека во спортскиот центар, каде ќе се донесе и нова урбана опрема за спорт и за рекреација, ќе бидат засадени повеќе од 200 дрвја, а 40 отсто од целата парцела ќе биде слободна зелена површина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира