Попладнево се дијагностицирани 6 лица позитивни на коронавирус, и со ова вкупната бројка на регистрирани пациенти позитивни на коронавирус во земјата е 76, соопшти Министерството за здравство.
Во текот на денов, потврдени се и 2 сопружници од Кавадарци позитивни на вирусот, а во процес на тестирање е уште 1 лице од Кавадарци кое нема поврзаност со другите два случаи.
Досега се регистрирани заболени од Скопје, Дебар, Гостивар, Охрид, Штип и Кавадарци. Само денеска дијагностицирани со коронавирус се 28 лица.
Пациентката од Дебар, која беше меѓу тројцата првозаболени, е во критична состојба и е на респираторна машина.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека за тестирање ќе се обединат капацитетите на двете лаборатории, од Центарот за јавно здравје и лабораторијата на приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје.
Филипче денес најави дека ќе побара поригорозни мерки од Владата за превенција од ширење на КОВИД-19.
На денешната владина седницата задолжени се Министерството за одбрана, Армијата, Министерството за внатрешни работи да подготват анализа и план за евентуално воведување многу порестриктивни мерки за движењето на граѓаните. Врз основа на нивните анализи, Владата ќе донесе соодветни одлуки.
Б. НЕСТОРОСКА