ТРУДНИЦИТЕ СО НОРМАЛНА БРЕМЕНОСТ ВО ЧАИР, КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА САМО ЗА РИЗИЧНИ БРЕМЕНОСТИ И ЗАРАЗЕНИ И СОМНИТЕЛНИ ТРУДНИЦИ СО КОВИД-19

    ТРУДНИЦИТЕ СО НОРМАЛНА БРЕМЕНОСТ ВО ЧАИР, КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА САМО ЗА РИЗИЧНИ БРЕМЕНОСТИ И ЗАРАЗЕНИ И СОМНИТЕЛНИ ТРУДНИЦИ СО КОВИД-19Гинекологија мора да биде подготвена за заразени и суспектни случаи со КОВИД-19, иако засега немаат такви случаи, вели директорката. Немаат ниту заразени лица од медицинскиот персонал, освен неколку кои се во домашна изолација затоа што патувале во странство. (Фотo: СДК.МК)

    Клиниката за гинекологија и акушерство ги прима само трудниците со високоризични бремености изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Викторија Јовановска.

    Во договор со Министерството за здравство и Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, сите други случаи, и трудници со нормална бременост се препраќаат во таа болница.

    Директорката вели дека по состаноците со Комисијата за заразни болести, утврдено е дека Гинекологија мора да биде подготвена за заразени и суспектни случаи со КОВИД-19. Засега немаат такви случаи, но, вели таа, мора да бидеме спремни.

    На 15 март, министерот за здравство Венко Филипче објави дека за коронавирус се тестираа две трудници од Дебар, но тестовите беа негативни.

    На Гинекологија немаат заразени лица од медицинскиот персонал. Неколку здравствени работници се во домашна изолација затоа што патувале во странство.

    „Клиниката си функционира нормално, но еден цел оддел изолиравме за заразени и суспектни случаи со КОВИД-19. Мора да си го чуваме и персоналот, имаме двајца анестезиолози и две респираторни машини, и мора да сме спремни ако дојде заразена трудница. Чаир е помала клиника и пологично е таа да биде изолирана, но за вакви случаи, донесена е одлука да бидат сместени на ГАК“, ни изјави директорката.

    На прашањето што ќе се случи кога ќе се пополнат капацитетите во Чаир, таа вели: „Ситуациите се менуваат од час во час, исто и одлуките се донесуваат од час во час. Ние имаме болнички кревети, но засега мора да ги чуваме“.

    Директорката апелира сите трудници со нормална бременост, со прегледите да продолжат директно во Чаир.

    Според податоците на Министерството за здравство, до 12 часот во земјава има 114 заразени лица со коронавирус.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира