Градоначалникот на Бергамо Џорџо Гори верува дека натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Аталанта и Валенсија довел до масовното ширење на коронавирусот во Италија и Шпанија.
Поради несоодветниот стадион во Бергамо, овој натпревар се играше на 19 февруари на „Сан Сиро“ во Милано, на чии трибини имаше над 44.000 гледачи, вклучувајќи и гостински навивачи и Гори смета дека вирусот оттука почнал масовно да се шири.
„Тој меч беше биолошка бомба. Во тоа време уште не знаевме што се случува. Првиот пациент во Италија е регистриран на 23 февруари. Ако вирусот веќе кружел, тоа значи дека 40.000 фанови на ‘Сан Сиро‘ биле заразени. Но, никој тогаш не знаеше дека вирусот е околу нас“, изјави Гори.
Провинцијата Бергамо, која се наоѓа во рамките на северниот регион Ломбардија, е една од најпогодените од коронавирусот.
„Стадионот беше полн, а луѓето се дружеа и во баровите. Несомнено, тоа е ноќ кога имаше голема ескалација на заразата“, вели Гори.
Од Валенсија минатата недела соопштија дека се заразени повеќе од третина од играчите и од членовите на стручниот штаб.
Првиот случај на зараза во провинцијата е регистриран во болница во гратчето Алцано Ломбардо, само два дена по првата локална трансмисија во Кодоњо, јужно од Милано.