ТОЧНО Е ДЕКА БСЖ ВАКЦИНАТА ВЛИЈАЕ НА ОТПОРНОСТА НА КОВИД-19, НО СЀ УШТЕ Е РАНО ЗА ДА СЕ ПРЕПОРАЧА КАКО МЕРКА, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ МИКИЌ

    ТОЧНО Е ДЕКА БСЖ ВАКЦИНАТА ВЛИЈАЕ НА ОТПОРНОСТА НА КОВИД-19, НО СЀ УШТЕ Е РАНО ЗА ДА СЕ ПРЕПОРАЧА КАКО МЕРКА, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ МИКИЌЕпидемиологот д-р Владимир Микиќ на денешната прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Оливер Спасовски. (Принтскрин од Јутјуб)

    Епидемиологот од Институтот за јавно здравје д-р Владимир Микиќ вели дека има индиции дека населението кое примило БСЖ вакцина, која се дава против туберкулоза, е поотпорно на коронавирусот.

    „Точно е дека постојат некои претпоставки за тоа дека лицата кои ја примиле БСЖ вакцината, како што е случај со регионот на Балканот, и во Македонија сè уште се дава една доза, се поотпорни на КОВИД-19. Претпоставката е дека како имуномодулатор оваа вакцина можеби делува на зголемување на отпорноста кон КОВИД-19. Ќе потенцирам дека се работи за многу рана фаза од овие испитувања за да можеме да донесеме каков било конкретен заклучок или да ја препорачаме како мерка за масовна употреба. Постојат индиции дека тоа е можеби така, како што се впрочем и третманите кои се користат, но сè уште е далеку од фаза да биде дефинитивен доказ. Секако, ние како стручна јавност, епидемиолозите и клиничарите ги следиме сите научни трудови и препораките на референтните институции. Верувајте сè што е и малку меродавно, ќе биде преземено и кај нас“. одговори д-р Микиќ на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

    Од втората половина на март на хоспитализираните пациенти на Инфективната клиника во Скопје, им се дава терапија од антибиотик и лек против маларија.

    „Апелирам и молам сите граѓани да не земаат ’сумамед‘ и други лекарства на своја рака. Дури и сите дијагностицирани пациенти со тешка и средна клиничка слика не се погодни за оваа терапија. Ова е ’оф-лејлб‘ терапија, но се дава зашто дава добри резултати. Кај група пациенти мора да има дополнителни кардиолошки испитувања, ЕКГ. Ако има неправилности, тогаш лекот не се дава. Граѓаните да не ни помислат да земаат сами ваква терапија, а уште помалку да им биде некаква превенција“, апелираше тогаш министерот за здравство Венко Филипче.

    Вкупната бројка на регистрирани позитивни заболени пациенти во земјава стигна до 570.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира