Почина 27-годишната родилка позитивна на КОВИД-19 од Куманово, објави Министерството за здравство. Таа на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје роди недоносено машко новороденче, негативно на вирусот.
Родилката беше префрлена на Инфективната клиника на 31 март, поради влошена клиничката слика и отежнато дишење. И покрај напорите на лекарите, брзиот и агресивен развој на болеста беше фатален.
Клиниката за гинекологија и акушерство информира дека бебето е во добра состојба, сè уште е на интензивна нега и под постојан надзор на тимот од клиниката.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во нашата земја изнесува 617 лица, од кои 30 починати и 35 излечени.
Б. НЕСТОРОСКА