Вистина е дека Владата на 38. Седница донесе одлука за одобрување средства на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје, но станува збор за реализирање на студиските програми на овие институции за 2020 година, а не за помош за МПЦ и за ИВЗ, велат од Владата. Со ова, од Владата демантираат дека е донесена Уредба со која финансиски ќе се помагаат МПЦ и ИВЗ, како што објавија некои медиуми, за што од Владата велат дека е дезинформација која се шири и на социјалните мрежи.
„Вистината е дека Владата на својата 38-ма седница донесе одлука за одобрување наменски средства на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје за реализирање на студиските програми на овие три институции за 2020 година“, соопштија од Владата.
Од Владата додаваат дека средствата се одобрени согласно претходна одлука на Владата од 9. седница, одржана на 16 февруари, а која пак е донесена врз основа на Законот за високото образование донесен во 2008 со кој овие институции се стекнаа со статус на приватно-јавни непрофитни високообразовни установи.
„Согласно овој Закон, средствата за финансирање на дејноста на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, се обезбедуваат покрај од средствата на основачите и од Буџетот на Република Северна Македонија, како и од други извори определени со закон“, велат од Владата.
Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Сулејман Реџепи завчера ги предупреди вицепремиерот Бујар Османи и Владата дека ако ИВЗ не добие помош од државата, тие ќе го повлечат повикот за заштита од пандемијата на коронавирус.
Во дебатна емисија, Реџепи кажа дека му испратил порака на Османи, како координатор на кризниот штаб, да и додели помош на ИВЗ, но досега, како што кажа тој, нема одговор.
Реџепи вели дека државата досега не обезбедила никаква финансиска помош за религиозните заедници, иако, како што кажа тој, и тие се погодени од пандемијата на коронавирус.
Пред три недели, ИВЗ донесе одлука да не се одржуваат молитви во џамиите, а Реџепи ги повика верниците петочната молитва да се одржува дома.