Оливер Андонов синоќа беше избран за нов министер за внатрешни работи во Собранието со 65 гласа „за“ и ниту еден против по оставката на неговиот претходник Митко Чавков, доставена до Владата претпладнето во изненадувачки потег на власта, бидејќи денеска треба да биде избрана Владата за спроведување изборите во која ресорот и припаѓа на опозицијата.
Оливер Спасовски е повторно кандидат на СДСМ за привремен министер во МВР, откако претходно ја вршеше истата функција пред одложените избори на 24 април и на 5 јуни. Овојпат, според Договорот од 20 јули, Спасовски има право да направи 15 кадровски промени, а една од нив се очекува да биде враќањето на Примислав Димовски на раководната позиција во полициската единица Алфа.
По изборот на Спасовски, Андонов ќе продолжи како дополнителен заменик министер за внатрешни работи. Бившиот министер Чавков ќе биде директор на Бирото за јавна безбедност, откако Владата го разреши Горанче Савовски на негово барање. Промена има и на челната позиција во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде на местото на Љупчо Андоновски доаѓа Владимир Атанасовски, досегашен директор на Управата за финансиско разузнавање.