Од денеска ставена е во функција мобилната апликација „Стоп корона“, која овозможува да се следат контактите кои ги имале заболените лица од КОВИД-19. Како што кажа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, апликацијата на едноставен и брз начин ќе им даде одговор на здравствените работници со кои лица биле во контакти новозаболените пациенти со коронавирус, и со тоа ќе се растеретат епидемиолозите во правањето на анкетите и лоцирање на сите контакти.
„Потреба е масовна употреба на апликацијата за да има ефекти и затоа апелирам граѓаните веднаш да ја симнат на својот мобилен телефон. Со тоа сите ќе дадеме личен придонес во борбата со коронавирусот и ќе им помогнеме на здравствените работници. Гарантирана е целосна заштита на приватноста, апликацијата не користи име и презиме на оние кои ја користат, не ја покажува локацијата каде се движеле, туку само времето и со кого имале контакт заболениот“, кажа министерот Дамјан Манчевски.
Манчевски кажа дека Агенцијата за заштита на лични податоци дала позитивно мислење за користењето на апликацијата.
Граѓаните кои ќе ја симнат апликацијата, за да може таа да ги бележи контактите треба да уклучат блутут на мобилниот телефон, секогаш кога се надвор од домот
Од вчера кога е пуштена во функција, апликацијата ја симнале повеќе од 5.000 корисници.
А. АНТЕВСКА