За време на полицискиот час викендов биле исечени речиси сите дрвја околу бунарите на водоводот за Радовиш, што се наоѓаат на планината Плачковица. Реагираше првиот човек на Општината, Герасим Конзулов, кој јавно ги повика шумската полиција и радовишката подружница на Македонски шуми да излезат на терен и ги засилат контролите. Според Конзулов, во овој период сѐ почести биле реакциите на радовишани дека бесправно се сече и уништува шумскиот фонд на Плачковица.
„Апелирам до шумската полиција и до ЈП Македонски шуми со присуство и контроли на терен да ги спречат сите кои бесправно сечат. Ако имаат потреба, можат да побараат асистенција и од полицијата. Голем број граѓани реагираа до нас како општина дека за време на продолжениот полициски час со запрежни коли се симнува огревно дрво во Радовиш“, ни изјави градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
Од радовишката шумско-полициска станица тврдат дека нивни екипи согласно ресурсите и капацитетите постојано се на терен и вршат контроли, пред сѐ, на патиштата по кои се носат бесправно сечените дрвја. Во изминатиот период, за време на полициски час против три лица имаат поднесено и прекршочни пријави. Дека се засилени контролите на терен тврдат и од радовишката подружница на Македонски шуми. Таму во март биле фатени околу 20 дрвокрадци.
Овој викенд, шумската полиција од Струмица откри бесправна сеча на Беласица кај месноста Свидовска Крстосница, каде оперирале две групи дрвокрадци. Откако се појавиле надлежните, дрвокрадците се разбегале, но полицијата успеала да фати две лица, против кои се поднесени кривични пријави, а запленети се 15 кубни метри огревно дрво.
В. ТРАЈКОВ