Премиерот Оливер Спасовски остана само на апелот граѓаните да седат дома и да не одат во црква за велигденските празници и тврди дека и покрај вонредната состојба поради ширењето на коронавирусот, Владата не може да затвора верски објекти и да носи одлука за непрактикување на верата. Тој денеска изјави дека одењето во верски објекти било неприкосновено право.
И слободата на движење на секој граѓанин е неприкосновено и уставно право, па веќе еден месец поради пандемијата со коронавирус во државата, тоа им е одземено на граѓаните за време на полициски час.
Исто така, со мерките за спречување на ширење на коронавирусот, забрането е групирање на повеќе од двајца луѓе на исто место, а препорачана е социјална дистанца од 1,5 до 2 метра растојание. Полицискиот час е од 16 до 05 од понеделник до петок, а за престојните велигденски празници ќе биде од петок во 16 до вторник во 05 часот.
Oд Министерството за здравство не добивме одговор дали досега има регистрирани болни со коронавирус меѓу свештените лица во МПЦ и ИВЗ.
„Да се почитува мерката да нема групирања и да останеме на социјална дистанца и за претстојните велигденски празници. Јас упатив порака пред неколку дена во која реков дека сега е моментот велигденските празници да ги прославиме дома, со нашите семејства и во нашата традиција. Ние немаме одлука за затворање на верските објекти и непрактикување на верата. Тоа не може да се донесе. Во ниту една состојба, во која може да се најде државата, не може, затоа што тоа е право кое е неприкосновено. Меѓутоа, знаете дека имаме ставови, одлуки на МПЦ и ИВЗ што се однесува на почитувањето на мерките на државата, за социјална дистанца. Апелирам до граѓаните за време на велигденските празници да останеме дома, во кругот на нашите семејства, така најбрзо ќе го победиме ова зло, односно спречување на ширење на вирусот“, рече Спасовски.
Претходно, МПЦ соопшти дека црквите ќе бидат отворени за литургија за престојните праници, но ќе се примаат по 5-мина верници во исто време кои треба да носат маска или шал.
Верските храмови за претстојните велигденски празници им даваат упатства на верниците на кој начин и кога ќе може да ги посетат и да ја извршат светата велигденска причест, според кои, литургиите во деновите кога не е полициски час ќе се одржуваат во дворовите на црквите. Верниците кои по секоја цена ќе сакаат да се причестат ќе може тоа да го сторат до 16 часот, но без целување икони и блиски контакти.
Причестувањето веќе е почнато од завчера, и трае до Велигден.
САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, заменскиот министер Славјанка Петровска, а подоцна и премиерот Оливер Спасовски, дали не е опасен начин за ширење на заразата со коронавирус чинот на причесната, со оглед на тоа што: причесна се прави со земање лепче од една иста рака на попот и пиење вино од една иста чаша или една иста лажица? На крај, попот го испива тоа што останало откако мацкал со лажицата после секој верник.
Тројцата ги прашавме и како ќе осигурат дека во црквите нема да доаѓаат на литургија на полноќ верници? Како ќе осигураат да нема гужва во црквите до 16 часот неделава за причесна и дали имаат контакт со владиките да инсистираат да не примаат веќе луѓе во црквите?
Исто така, ги потсетивме дека Папата во Ватикан минатот викенд за Велигден сам служеше литургија, сите цркви беа затворени.
Одговор на овие прашања уште не добивме од никого.
Поглаварот на МПЦ-ОА Г. Г. Стефан во денешната велигденска порака не кажа дека црквите за Велигден ќе се затворат поради пандемијата и вонредната состојба во која се најдовме, со последица на секојдневни смртни случаи.
„Поминуваме низ еден период кој од нас бара послушност и воздржување. Појавата на коронавирусот во светот, а воедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме по советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и спречи ширењето на заразата. На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста“, гласеше пораката од Архиепископот, според која верници треба да дојдат, ама во помал број, што и да значи тоа.
С. К. ДЕЛЕВСКА