Компаниите ќе може директно да донираат средства за справување со коронавирусот во државниот буџет, без да чекаат недела дена за одобрување од Министерството за правда. Притоа, тие ќе ја задржат можноста за даночните олеснувања пред Министерството за финансии, односно УЈП.
Сите донации кои се насочени кон Буџетот за КОВИД-19, со владината уредба донесена денеска, се сметаат за јавен интерес. Постапката на прибавување мислење траеше и по недела дена, па компании кои сакаат да донираат за справување со коронавирусот, се откажуваат, велат во Министерството за правда.
„Тоа значи дека донаторите за да остварат даночно олеснување за овој вид на донации, до Управата за јавни приходи не треба повеќе да доставуваат копија од решение на Министерството за правда за потврден јавен интерес на донацијата, како што беше досега“, соопшти Министерството за правда, кое ја подготви оваа олеснувачка уредба.
Кога има идеја и намера за донација од јавен интерес, има постапка во која донаторот и корисникот склучуваат договор и тој договор го приложуваат до Министерството за правда. Потоа прибавуваат мислење од надлежните институции дали таа донација реално е од јавен интерес, за да нема злоупотреби со нелегално стекнати пари.
За донациите наменети за справувањето со коронавирусот, како и за секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, даночното поттикнување пред Министерството за финансии (за поврат на ДДВ-то) и пред Управата за јавни приходи (за даночното поттикнување кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка), ќе може да се спроведува како во хартиена форма така и електронски.
„За сите други донации, донаторите ќе можат барањето за потврдување на јавниот интерес и придружните документи да ги доставуваат до Министерството за правда и во електронска форма, а Министерството ќе може да ја спроведува оваа постапка и по електронски пат, што досега не беше законски признаен начин на спроведување на постапката“, вели Министерството за правда.
С. К. ДЕЛЕВСКА