ЗОРАН МИЛЕСКИ ПУШТЕН ОД КУЌЕН ПРИТВОР СО РЕЧИСИ ТРЕТИНА ОДЛЕЖАНА КАЗНА ЗА „РЕКЕТ”, АПЕЛАЦИЈА УШТЕ НЕ ОДУЧИЛА ДАЛИ ЌЕ МУ ЈА НАМАЛИ

    ЗОРАН МИЛЕСКИ ПУШТЕН ОД КУЌЕН ПРИТВОР СО РЕЧИСИ ТРЕТИНА ОДЛЕЖАНА КАЗНА ЗА „РЕКЕТ”, АПЕЛАЦИЈА УШТЕ НЕ ОДУЧИЛА ДАЛИ ЌЕ МУ ЈА НАМАЛИОд изрекувањето на пресудата за Зоран Милески во „Рекет“ на 4 декември лани. (Фото: СДК.МК)

    Осудениот во „Рекет“ Зоран Милески пуштен е од куќен притвор по 5 месеци откако призна вина и доби тригодишна затворска казна. Пред да му биде изречена неправосилната затворска казна на 4 декември лани, тој беше 5 месеци во притвор.

    Вкупно Милески, викан Кичевскиот, има поминато 10 месеци затвор што е третина од првостепената казна и му се смета за одлежен период, како да е во затвор. Апелациониот суд уште не одлучил дали и колку ќе му ја намали тригодишната казна.

    Во притвор останува првообвинетиот во „Рекет” Бојан Јовановски и второобвинетата Катица Јанева, која е во домашен притвор.

    Зоран Милески е осуден за „Примање награда за противзаконско влијание“.

    Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска се согласила Милески да биде пуштен од домашен притвор, поради семејни причини поврзани со смртта на неговиот татко.

    Според обвинението, преку третообвинетиот Милески кој ги договарал средбите на Боки 13 и Орце Камчев во неговиот дом, Боки 13 го уверил сведокот Камчев дека Јанева ќе ги исполни, односно ги исполнила сите негови барања за олеснување на неговиот статус како осомничен и притворен во истрагата на СЈО „Империја“. Таа незнаејќи дека сведокот Камчев ги снима што зборуваат, како рекетираат и како Јовановски зема торба со пари од него, по телефон го уверува: „Сè ќе биде океј!“

    Сега Јанева и Јовановски докажуваат дека ништо не е точно на приватните снимки на Јордан Камчев кои ги правел дома откако беше пуштен во куќен притвор, дека „Империја” на никаков начин не е загрозена, а Јовановски тврди дека не постои милион ипол евра за кои Камчев и Русковска тврдат дека тој ги зел со рекет од него.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира