Поради пандемијата на КОВИД-19, од Лондон во Скопје не стигна клупата на Горан Стефановски, која требаше да се постави во чест на денешниот роденден на бардот на македонската култура. Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018 на 66 години.
Поставувањето на клупата во неговото омилено скопско Дебар Маало, по неговата смрт го најави Општина Центар. Лани, на 27 април во негова чест беше засаден чинар во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. Тогаш, претседателката на Советот на Општина Центар Јана Белчева најави дека покрај дрвото ќе биде поставена метална клупа, во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.
- ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ МОЖЕ ДА ЈА НАПРАВИ КЛУПАТА СО СКУЛПТУРА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ПА СЕМЕЈСТВОТО ЌЕ СОБИРА ДОНАЦИИ
- ДОБРЕДОЈДЕ ГОРАНЕ, НЕ СЕ ПЛАШИ, СИТЕ ТЕ САКАМЕ – СЕМЕЈСТВОТО НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ НАСАДИ ЧИНАР ВО НЕГОВ СПОМЕН ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО
„Клупата е сосема готова, т.е. излиена во бронза, не е таква како на фотографијата, но за жал чека во ателјето во Англија. Се планираше убав настан за поставувањето, но се разбира откако се затворија границите и се воведоа мерките сѐ’ се одложи. Ем не можевме да ја донесеме до Скопје, ем нема смисла таков настан кога никој не смее да биде надвор. Како и да е, се надевам дека наскоро ќе имаме можност да се собереме во Дебар Маало за отворањето, ама се разбира никој не може да знае кога ќе биде тоа“, изјави неговиот син Игор Стефановски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ ни рече дека било планирано роденденот на Стефановски да се одбележи со поставување на клупата до дрвото.
„Но, поради пандемијата на КОВИД-19, транспортот на клупата која се лиеше во леарница во Лондон не можеше да се оствари. Денеска неговиот роденден ќе го одбележиме онлајн, односно преку интервјуа со членови на семејството и пријатели на Горан кои ќе говорат за неговиот живот и дело“, изјави Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Лани во јуни, Игор Стефановски побара да се донираат пари за изработка на скулптура од неговиот татко. Богдановиќ ни рече дека парите потребни за лиење на клупата во Лондон, Општина Центар ги обезбедила преку донации и дека се префрлени на сметката на неговото семејство.
Горан Стефановски, бардот на македонската драма, почина на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше. Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.
Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Б. НЕСТОРОСКА