Тривити (thrivity.mk) е првата македонска алатка за пребарување наменет за оние кои бараат работа и за компаниите кои вработуваат. Тој нуди иновативен концепт кој значително ќе го подобри стандардниот процес на барање работа и на наоѓање кандидати за работа затоа што поттикнува отворен, транспарентен и конкурентен пазар на труд.
„Уверени сме дека компаниите во Македонија за кратко време ќе ги препознаат вредностите на Тривити и ќе станат дел од нашата платформа, а лицата кои се амбициозни и посакуваат работа според своите способности, знаења и компетенции ќе пополнат лични профили и спојувањето ќе започне. Наша цел е да ги инспирираме луѓето да ја пронајдат работата според својот потенцијал, а компаниите да добијат високомотивирани и ангажирани вработени“, изјави Поликарп Арсеновски од компанијата АПОД, која е носител на проектот.
Производот е резултат на стратешко партнерство помеѓу АПОД, консултантска фирма во областа на управување со човечки капитал и ИТ компанијата ХАСЕЛТ.
Тривити е платформа за спојување каде што поединци и компании ќе креираат свои профили користејќи однапред дефинирани критериуми. Кога една компанија ќе објави оглас, Тривити ќе започне со пребарување и ќе ги идентификува потребите наведени во огласот, ќе ги поврзе со потенцијалните профили/луѓе и, во реално време, на компанијата ќе ѝ испрати листа на потенцијални кандидати.
Листата што ќе ја добие компанијата е целосно анонимна, односно таа не е во можност да ја види професионалната биографија на кандидатот. Ако сака да пристапи на некој од предложените профили, компанијата ќе испрати барање за контакт, а потоа кандидатот има можност да го прифати или одбие барањето.
Платформата Тривити е поддржана и од Фондот за иновации и технолошки развој на Република Северна Македонија и веќе е достапна за корисниците.