Раководството на Градскиот трговски центар (ГТЦ) времено ја стопираше изградбата на панорамскиот лифт, по реакциите на архитектите дека е дивоградба и го сквернави ГТЦ. Раководството на ГТЦ денеска ги повика на заеднички дијалог претставниците на стручната фела.
„Сметаме дека повикот за заеднички дијалог е неопходен со цел појаснување на појдовната идеја и намера, како и потребата за изведба на ваков проект, а имајќи ги пред сè предвид потребите на лицата со телесен инвалидитет, бремените жени, мајки со деца и постарите лица. Овој повик, исто така, е неопходен и со цел да се изврши конструктивна анализа на сегашната состојба“, велат од ГТЦ.
За Скопје, ГТЦ е културна икона и еден од најпрепознатливите објекти за градот, дело на архитектот Живко Поповски и еден од цветовите на македонската модерна архитектура. Изградбата официјално почнала на 11 октомври 1969, а на 27 април 1973 е пуштен во употреба.
Токму денеска, кога се навршуваат точно 47 години од пуштањето на ГТЦ во употреба, објектот е одново времено спасен од уште еден напад за негово уништување и разнебитување.
Лифтот минатата недела почна да се гради на влезот во ГTC спроти вртеното скалило, кое е еден од градските симболи, а директорот Ѓоко Трајчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека првенствено ќе биде наменет за лица со инвалидитет и мајки со деца. Тој кажа оти смета дека панорамскиот лифт нема да го наруши изгледот на ГТЦ туку, напротив, ќе му даде атрактивност на објектот.
Веста предизвика жестоки реакции на стручната и општата јавност. Архитектите сметаат дека лифотот е дивоградба што го нагрдува архитектонското наследство. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека Општината општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, но беше конфронтиран од Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски, кој кажа дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.
„Дали имаат добиено решение за поставување на лифт не знам. За поставување лифт за олеснување на пристап на лица со посебни потреби не е потребна градежна дозвола, но е потребно да се поднесе проект и да се добие согласност од Општината. Доколку постои такво решение, референтите во Општина Центар не требало го издадат бидејќи ГТЦ веќе е пристапен за лица со посебни потреби. Објектот и да не е пристапен, а è, референтите требало да оценат дека лифтот е поставен на најидиотското можно место и да го вратат проектот за да се најде ново решение. Но, изгледа некому му треба лифт точно тука и очигледно не ја согледуваме крајната идеја. Сепак станува збор за тераси, јавен простор во епицентар на главен град на држава, кој најверојатно некој сака да го зграби. Друго логично објаснување би било дека станува збор за некадарни игноранти“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Мартин Пановски.
Архитектката Даница Давловска-Циги, која е дел од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ и како активистка која во минатото беше вклучена во борбата против планот тогашната власт ГТЦ да добие нов, барокен изглед, вели дека е разочарана од она што сега го гледа, не е извлечена поука од случувањата во доскорашното минато, а раководството на АД „Градски трговски центар Скопје“ не е свесно за вредноста на овој објект. Таа побара дивоградбата да се урне, а заедно со стручни лица да се конзервира бетонската ограда која при градбата на лифтот е срушена.
А. АНТЕВСКА