ЛИФТОТ Е ДИВОГРАДБА, ГО СКВЕРНАВИ ГТЦ И ТРЕБА ВЕДНАШ ДА СЕ УРНЕ, ВЕЛИ АРХИТЕКТКАТА ДАНИЦА ПАВЛОВСКА-ЦИГИ

    ЛИФТОТ Е ДИВОГРАДБА, ГО СКВЕРНАВИ ГТЦ И ТРЕБА ВЕДНАШ ДА СЕ УРНЕ, ВЕЛИ АРХИТЕКТКАТА ДАНИЦА ПАВЛОВСКА-ЦИГИ„Душата ме боли што и ова раководство не ја сфаќа вредноста на ГТЦ“, вели Даница Павловска-Циги дел од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ која успеа да го спаси трговскиот центар од планираниот барок- Павловска за време на референдумот за спас на ГТЦ на 26 април 2015 година. (Фото: Фејбук)

    Лифтот кој минатата недела почна да се гради на влезот во Градскиот трговски центар (ГТЦ) е дивоградба и веднаш треба да се урне, вели архитектката Даница Давловска-Циги, која е дел од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Како активистка кој во минатото беше вклучена во борбата против планот тогашната власт ГТЦ да добие нов, барокен изглед, Павловска вели дека е разочарана од она што сега го гледа, не е извлечена поука од случувањата во доскорашното минато, а раководството на АД „Градски трговски центар Скопје“ не е свесно за вредноста на овој објект.

    „Лифтот кој патем не е за инвалиди како што тврдат, претставува инсталација и не смее да се гради без одобрение за градба. Тоа што градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека за ваков објект не треба одобрение за градба е или негово незнаење и непознавање на проблематиката или лошо го советувале. Да биде бељата поголема, за изградба на железната конструкцијата на лифтот срушена е бетонската ограда од објектот. Во моментов сите работи на оваа бесправна градба се запрени и се надевам нема да бидат продолжени со оглед дека претставуваат сквернавење на објект со атрибути на културно наследство и симболика на граѓанската борба за Скопје“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и добитничка на наградата „13 Ноември“ Даница Павловска-Циги.

    Таа преку граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ги повикува надлежните институции Општина Центар и Град Скопје да издадат решение за уривање на лифтот дивоградба и во консултација со реставратори објектот на биде доведен во претходната состојба .

    Во моментов изградбата на лифтот е стопирана. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „Се надеваме дека сите чинители сериозно ќе ја сфатат состојбата и ќе се откажат од ова непромислено и брзоплето решение на некои нејасни интереси изнесени од менаџментот на ГТЦ. Иницијативата ‘Го сакам ГТЦ‘ и понатаму будно ќе го следи овој процес“, додава Павловска.

    Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ по две годишна борба, пред точно 5 години, на 26 април 2015 година заедно со Општина Центар го организираше референдумот против предвидениот барок на ГТЦ, како дел од проектот на ВМРО-ДПМНЕ „Скопје 2014“ со кој беше сменет изгледот на центарот на Скопје. Жителите на Центар се изјаснуваа на референдумското прашање „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар во Скопје?“.

    Референдумот на беше успешен бидејќи гласаа 40 отсто од 43.560 запишани гласачи, што е 10 отсто помалку од неопходниот цензус за успешност на референдумот. Дури 95 отсто од излезените гласаа дека ГТЦ треба да го задржи сегашниот изглед. Но, и покрај неуспешниот референдум, граѓанската иницијатива успеа да го спречи раководството на ГТЦ да ја реализира идејата за менување на фасадата во барок стил.

    На нашето прашање како денеска, пет години после референдумот се чувствува кога гледа како повторно се уништува овој легендарен објект на македонската современа архитектура и обележје на Скопје, Павловска вели дека е разочарана, но и понатаму не се откажува од борбата за ГТЦ.

    „Душата ме боли. И ова раководство не ја сфаќа вредноста на ГТЦ, не сфаќаат дека тој објект е дел од нас“, вели Павловска.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира