ЧАВКОВ И 15-ТЕМИНА ОСУДЕНИ ЗА ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО СЕ ВРАЌААТ ВО СУДНИЦА, НА 27 МАЈ ВО АПЕЛАЦИЈА ПОЧНУВА СЕДНИЦА ПО НИВНИТЕ ЖАЛБИ

    ЧАВКОВ И 15-ТЕМИНА ОСУДЕНИ ЗА ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО СЕ ВРАЌААТ ВО СУДНИЦА, НА 27 МАЈ ВО АПЕЛАЦИЈА ПОЧНУВА СЕДНИЦА ПО НИВНИТЕ ЖАЛБИНе смееше да се случи 27 април, крвавиoт четврток во Собранието, рече тогаш судијката Добрила Кацарска. За жал, рече таа, го видовме и срамното однесување на полицијата. - Од изрекувањето на пресудата на 15 март 2019 година, кога судијката Добрила Кацарска која ги осуди неправосилно 16-темина обвинети со вкупна казна од 211 години затвор (Фото: СДК.МК)

    По 14 месеци во притвор, откако 16-темина обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година беа првостепено осудени на 211 години затвор, тие ќе бидат донесени во Апелациониот суд Скопје на 27 мај.

    Апелациониот суд Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека јавната седница по жалбите против пресудите почнува на 27, а продолжува и на 28 и 29 мај.

    Сите 16-мина се осудени неправосилно, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 година. Судијката Добрила Кацарска во Основниот суд Скопје 1 пресудата ја изрече на 15 март 2019 година. Поради висината на казните, осудените веднаш заминаа во притвор и таму ја чекаат  жалбената постапка.

    Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како тогашна златна команда за протестите пред Собранието и за време на нападот, беше осуден на 18 години затвор. Митко Пешов од МВР доби 15 години затвор. Душко Лазаров од МВР осуден е на 15 години.

    Горан Ѓошевски-Леви, тогашен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски е осуден на 15-годишна затворска казна. Оливер Поповски од МВР на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10-годишна затворска казна. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање доби 15 години, а Абдуљфета Алими доби 7 години затвор. Игор Дурловски, еден од водачите на протестите За заедничка Македонија, доби ослободителна пресуда.

    Од напаѓачите со фантомки, Младен Додевски доби 12 години. Јане Ченто доби 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години. Игор Југ кој носел оружје и кој според сведоците и според некои кообвинети, требало да го убие Зоран Заев, осуден е на 12 години затвор. Влатко Трајковски доби 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Александар Василевски-Нинџа 8 години.

    Не смееше да се случи 27 април, крвавиoт четврток во Собранието, рече тогаш судијката Добрила Кацарска. За жал, рече таа, го видовме и срамното однесување на полицијата. Се шетаа низ Собранието, се досадуваа додека безмилосно беа претепувани пратеници, новинари, собраниското обезбедување. Некои од нив пиеја вода, им даваа на насилниците.

    „Недолично беше личното обезбедување на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски Леви, да ја води толпата заедно со Никола Митревски Кољо. Оливер Поповски од МВР гледа како лежи тешко повредениот Зијадин Села, како го тепаат уште и ништо не презема. Мунир Пепиќ го удира Села. И Јане Ченто го удира Села, а потоа и Заев. И Вилијам Михајловски го удира онесвестениот Села“, потсети тогаш Кацарска на снимките кои беа прегледувани како докази во текот на судењето.

    Судијката Кацарска поединечно спомна кој од обвинетите каков удел имал и какво насилство извршил во организираниот напад на Собранието и тоа е во пресудата, која сега пред Апелациониот суд ја напаѓаат осудените.

    Во меѓувреме, во Кривичниот суд почна судскиот процес против организаторите на нападот на Собранието. Обвинети се: Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски, за кои обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска рече: „Обвинетите изготвиле план за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, со цел да го спречат мирното примопредавање на власта, што доведе до напад на Собранието на 27 април 2017 година“.

    Груевски не е во обвинението, бидејќи врз него не беше спроведена истрага. Тој избега и доби азил во Унгарија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира