По вчерашната одлука на Уставниот суд да поведе постапка против 4 Владини уредби за кои првпат самиот поднесе иницијатива,, и да забрани кратење на сопствените и на платите на сите судии, пратеници, обвинители, директори, следните два месеца, влеговме во податоците за имотната состојба на деветтемина уставни судии.
„Дали е потребно сѐ да се зема? Од каде да знаеме ние за каде се овие пари? Знаеме дека владата ги користи за ковид? Зошто државата е неспремна, зошто нема државни резерви. Зошто од гладни луѓе да бидеме уште погладни, народски кажано?“ , кажа претседателот на Уставниот суд Сали Мурати, шокиран што Владата го оставила да го менаџира судот со пари само за плати на деветтемина судии и за фотокопир.
Уставните судии вчера беа едногласни дека Владата им го загрозила уставното право на заработувачка, правото на приватна сопственост, дека со Уредбата за кратење како солидарност за справување со пандемијата ковид-19 селективно избрала функционери и со тоа противуставно ги дискриминирала, го нарушила уставниот принцип на владеење на правото и на поделба на власта… Уставните судии се посомневаа дека Уредбите на Владата немаат врска со коронавирусот и не се поврзани со многу мерки што ги носи секојдневно.
Мурати пријавил дека поседува куќа од 180 метри квадратни во Врапчиште, Гостивар, стан од 75 квадрати во Скопје и уште еден од 54 квадрати во Гостивар. Пријавил накит на сопругата од 6.000 евра, приход од закуп на стан и дека му должат 12.000 евра. Должи 4.200 евра.
Поранешната претседателка на Уставниот суд Елена Гошева, која за кратењето на додатоци и надоместоци на плата на администрацијата вчера кажа дека нема врска со ширењето на коронавирусот, поради кое е прогласена вонредна состојба, поседува: два стана од по 70 метри квадратни во Скопје, 7 парцели земјоделско земјиште во кочанско, месечен приход од по 500 евра од кирија и 32.700 долари орочени депозити.
Никола Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд пријавил дека поседува: стан од 147 метри квадратни, стан од 49 квадрати, уште еден од со подрум и гаража во површина од 48+15+4 метри квадратни, сите во Скопје, потоа две бараки во Скопје по 66 и 64,5 метри квадратни, 3 автомобила, приход од продадена барака од околу 40 илјади евра, остварена штета по пресуда од 14 илјади евра, приход од продадена недвижнина од илјади евра.
Судијата Насер Ајдари како судија известител за додатоците и надоместоците на плата на администрацијата што со уредба владата ѝ ги укина на администрацијата која втор месец или не оди на работа или работи од дома и нема трошоци, рече дека тоа нема врска со коронавирус.
Ајдари пријавил дека поседува стан од 87 метри квадратни во Скопје, куќа од 180 квадрати во Арачиново, двор од 1.800 квадрати во Арачиново, земјиште од 11.690 метри квадрати во Илинден, уште две по 4.000 и 5.000 квадрати во Арачиново, 3 автомобили и кредит на 20 години од 20.000 евра што треба да го исплати до 2025 година.
Јован Јосифовски пријавил стан со балкон во Охрид од 54 квадрати вкупна површина, стан од 60 метри квадрати во Скопје, два автомобила, заем од 307.000 денари и кредит од 600.000 денари на 60 месеци.
Осман Кадриу во имотниот лист има пријавено куќа од 100 илјади евра во Кичево, земјиште од 20.000 евра, градежно земјиште од 10.000 евра, уште една куќа од 100.000 евра – се ова во Кичево, но и стан од 70 метри квадратни во Скопје, два автомобила, 5.000 евра депозит во банка и 150.000 денари на трансакциска сметка.
Уставниот судија Дарко Костадиновски, кој беше единствениот кој за оспорените владини уредби за кратење на додатоците на плати кажа дека битна е борбата на Владата со последиците, а не само со причинителот, коронавирусот, и оти таа не може да биде магионичар за да се справи и со причинителот и со последиците, има два стана во Охрид и еден од 97 квадрати во Скопје, плац во Сопиште, автомобил, депозити од 23.000 евра и нема долгови.
Судијата Владимир Стојаноски пријавил дека поседува стан од 104 метри квадратни и куќа од 183 квадрати во Скопје, два автомобила, акции и денарски и девизни депозити, од 2. 000 евра.
Уставната судијка Вангелина Маркудова која не присуствуваше на вчерашната седница има пријавено: 35 парцели земјоделско, земјиште, ливади, лозје и едно пасиште, еден стан во Скопје, , два автомобила, акции, приходи од дивиденда, депозит од 10.000 евра и околу 15.000 евра заштеда во денарска противвредност.
Уште на почетокот претседателот Мурати кажа дека судот треба да внимава ограничувањата на правата и слободите на граѓаните со владините уредби дека треба да биде многу оправдано. Рече дека уредбите, над 130 досега и скоро сите се оспорени пред Уставниот суд, треба да се однесуваат на основот поради кој е прогласена вонредната состојба и да одговараат на реалната ситуација. Владата тврди дека сите уредби ги носи за справување со пандемијата со коронавирус, која сериозно удри на економијата во Македонија.
„Владините уредби со законска сила треба да се поврзани и со мерките кои се носат. Неколку не се, па одлучивме сами да поведеме постапка“, рече Мурати за оспорените уредби кои се носат поради економската криза поради коронавирусот, поради кој, пак беше прогласена вонредна состојба.
Но, економската криза во ниту една реченица вчера не се спомна на седницата на Уставниот суд, само квалификации дека Владата со уредби неуставно им ги крати платите, што немало врска со коронавирус.
С. К. ДЕЛЕВСКА