Уписот на првачиња за учебната година 2020/2021 наместо како секоја година во мај, најверојатно ќе се врши во јуни, кажа министерот за образование Арбер Адеми на денешната онлајн прес-конференција.
„Во оваа вонредна состојба размислуваме за повеќе услови, една од тие е пролонгирање на уписот од мај во јуни. Тоа се должи и на фактот дека е потребно да се соберат повеќе документи, бидејќи според новиот Закон за основно образование, за упис на првачиња се потребни потврди од здравствени установи за примени вакцини, од стоматолог и офаталмолог, а овој период ограничено е движењето на населението“, кажа Адеми.
За полагањето на државната матура, Адеми кажа дека во наредните недели на седница на Владата ќе се донесе одлука дали ќе се полага во јуни или ќе биде укината оваа обврска.
„Размислуваме за целосно укинување на државната матура за оваа генерација матуранти и кога би донеле такво решение, тогаш ќе има потреба од квалификациони испити во тие студиски програми или единици каде ќе има голема конкуренција или матуранти кои ќе имаат ист број на бодови, но за некои од факултетите тоа е веќе позната ситуација“, рече министерот.
Сите воспитно-образовни институции со владина одлука се затворени од 10 март како превенција од ширење на коронавирусот, а набрзо потоа почна онлајн настава. Адеми кажа дека образовната програма која се спроведува од дома, нема да се повторува во училиштата во септември.
На заедничката прес-конференција со повеќе министри, беше и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, која одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се отворат градинките, кажа дека ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести.
„На прво место ни е заштитата на граѓаните, но секако децата нема да останат незгрижени“, кажа таа.
Б. НЕСТОРОСКА