Завршено е прстенестото поврзување на Битола со современо ЛЕД осветлување. Поставени се 800 нови големи булеварски ЛЕД светилки и уште толку мали. Битола доби осветлување од 70 лукса наспроти претходните 10, што значи поголема социјална и сообраќајна безбедност. Трајноста на светилките е над 15 години, а на повеќе места во градот не беа заменети 40 години.
Прстенот на осветлување, како што соопштија од Општина Битола, ги опфаќа најголемите и најпрометни сообраќајници низ градот, заедно со влезовите од страната на Охрид и Грција и центарот на градот со помалите улички. Нови светилки се поставуваат и во другите делови на градот, па дури и на помали сообраќајници.
За време на претходната власт, осветлувањето го одржуваа приватни фирми, а сегашната го промени тоа, па за него се грижи јавното претпријатие „Комуналец“. Со ова е обезбедена заштеда од седум милиони денари (околу 113.000 евра), кои се реинвестираат во проширување на осветлувањето.
„Лоцираните средства на Општина Битола за осветлување од 13 милиони денари или над 210.000 евра се реализирани, со што по основ на одржување имаме заштеда од два милиона денари, а по однос на потрошувачки пет милиони денари, или вкупно 113.000 евра“, рече градоначалничката Петровска.
Во градот и селата треба да се заменат 11.000 светилки, а директорот на ЈП „Комуналец“ најави дека ново осветлување ќе добијат сите улички и села во Битолско.
„Светилките што ги менуваме, натриумови, флуор, а посебно живини, во Европа веќе не постојат. Не можат да се купат, забранети се. Нив ги заменуваме и соодветно ги депонираме. Новите големи булеварски ЛЕД светилки имаат во себе можност за самопрограмирање, па во текот на ноќта четири пати го менуваат интензитетот на осветлување. Во наредниот период ќе ставиме и контролори во светилките. за да може да се врши согледување каде има дефект“, рече Богоевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА