АФРИКАНСКИ ЛИДЕРИ ПРЕПОРАЧУВААТ ТРЕВКИ, КОЊАК И ОДЕЊЕ ВО ЦРКВА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

    АФРИКАНСКИ ЛИДЕРИ ПРЕПОРАЧУВААТ ТРЕВКИ, КОЊАК И ОДЕЊЕ ВО ЦРКВА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТПретседателот на Мадагаскар Андри Рaџоелина промовира напивка од тревки како лек за КОВИД-19. (Фото: АФП)

    Многу африкански политичари се борат против пандемијата на КОВИД-19 со научни методи. Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамбафоса, се опкружи себеси со врвни експерти. Салим Абдул Карим, главниот советник на владата за пандемијата, често го споредуваат со Ентони Фаучи, врвниот американски имунолог, кој важи за глас на разумот во администрацијата на Доналд Трамп.

    Жорж Веа, либерискиот претседател, се труди со сите сили здравствените совети да стигнат до сите негови сограѓаните со тоа што ќе бидат лесни за разбирање и паметење. Поранешната фудбалска ѕвезда објави балада за КОВИД-19, која содржи медицински точни стихови: „Луѓето го фаќаат вирусот кога со инфицирани раце ги допираат устата, носот или очите“. Во земја во која многумина се неписмени, давањето медицински совети со музика е логично.

    Но, пристапите на многу други африкански лидери не се логични. Андри Рaџоелина, претседателот на Мадагаскар, вели дека неговиот остров со 26 милиони жители има лек од тревки кој ќе го смени курсот на историјата. Напивката од тревки треба да лечи од КОВИД-19, но научниците се сомневаат.

    „Најверојатно тоа повеќе ќе му наштети на здравјето на популацијата“, вели Марсел Разанампари, претседателот на тамошната Медицинска академија.

    Во Гвинеја, претседателот Алфа Конде препорачува да се пие топла вода и да се инхалира ментол. Гувернерот на Најроби, Мајк Сонсо, подели минијатурни шишенца со „Хенеси“ за, како што вели тој, дезинфекција на грлото.

    Некои лидери веруваат дека Господ ќе помогне да се запре вирусот. Џон Магуфули од Танзанија инсистира дека нема да се затворат верските објекти, бидејќи тврди дека таму може вистински да се оздрави. Во Бурунди нема никакви ограничувања на движењето на граѓаните, бидејќи, според претседателскиот портпарол, тоа е земја во која на прво место е Господ.

    Сепак, ниту еден африкански претседател не препорача инјектирање на дезинфициенс или научниците да истражат дали дози со ултравиолетова светлина внатре во телото можат да го убијат вирусот, како што препорача Трамп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира