Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски, на неговиот фејсбук профил попладнево објави дека во населбата Чашка денес се регистрирани првите два случи на лица позитивни на КОВИД-19. Општина Чашка, која се вбројува во трите најголеми општини по територија во земјава, вкупно има 7.673 жители во 42 населени места.
„Денес во телефонска комуникација со матичниот доктор од населба Чашка бев информиран дека едно од позитивните лица е хоспитализирано на Инфективното одделение на Болницата во Велес, а додека второто е на домашно лекување по препорака на матичниот доктор бидејќи се чувствува добро. Апелирам до сите граѓани да не креваат паника и да се почитуваат мерките за заштита“, напиша Стојановски.
Денес во Велес беа регистрирани четири нови случаи на позитивни на КОВИД-19, од осумте новозаболени во земјава. Така, моментално во Велешко има 48 активни случаи, од нив на Инфективното одделение во Велешката болница се згрижени 21 пациент, 19 се позитивни, а за два од нив се чекаат резултатите.
Од вчера, докторката од Итната помош и медицинската сестра од Инфективното одделение кои беа позитивни на коронавирус се водат како оздравени, откако по минати 15 дена на два теста биле негативни, и тие почнуваат со работа.
П. ПЕЧКОВ