Шефот на германскиот институт „Роберт Кох“ Лотар Вајлер предупреди дека вториот и третиот бран на ширењето на коронавирусот се на повидок.
„Ова е пандемија. А во пандемија, вирусот доведува до тоа 60-70% од населението да биде заразено. Втор бран ќе има со сигурност и ова мислење го дели мнозинството експерти, а многумина очекуваат и трет бран“, вели Вајлер.
Во Германија досега има повеќе од 164.000 случаи на коронавирус, а починале 6.808 луѓе.
„Дневната бројка новозаразени е во пад во изминатите денови и се движи меѓу 700 и 1.600. Тоа се добри вести. Од друга страна, дневната бројка починати останува голема, меѓу 40 и 200“, изјави Вајлер.
Германија покажа добри резултати во справувањето со коронавирусот откако воведе рестриктивни мерки во средина на март. Неодамна почна нивно олеснување и голем број деца се вратија на училиште, а повторно беа отворени продавниците, музеите и фризерските салони.