Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека одложените парламентарни избори треба да се одржат што е можно побрзо и смета дека тоа може да биде средината на јуни, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека теоретски изборите најрано би можело да се одржат во првата половина од јули.
Во интервјуто на ТВ 24, Заев рече дека на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, закажана за следната недела, ќе побара веднаш да се оди на избори, ако има олабавување на мерките за заштита од коронавирусот.
„Се обраќам и до претседателот на ДИК, може да бидеме со различни интереси, но мора да преовлада интересот на државата. И од ОДИХР имаме потврда дека се подготвени да испратат мисија. Дефинитивно она што треба да преовлада е интересот на државата, дали ќе ја ставиме во ризик и да влезе во уставни проблеми од кои нема решение или навистина ќе бидеме одговорни и ќе го прифатиме првиот можен рок, а тоа сметам дека е средината на јуни“, кажа Заев.
Дополнително, тој смета дека треба да се побрза на избори, бидејќи можно е во септември да има нов бран на коронавирусот.
Мицкоски, пак, исто така во интервју за ТВ 24, вели дека не треба да се брза со изборите.
„Ако мене теоретски ме прашувате, како што го слушнав претседателот на ДИК му требале 50-тина дена и ако речеме дека сега претседателот ќе ја прекине вонредната состојба, теоретски зборуваме, тогаш некаде првата половина на јули е најбрзо што може да создадат услови за изборно соочување“, вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека првин треба да се создадат услови за фер и демократски избори, а не за Фејсбук избори.