Шестмина Италијанци загинаа во авионската несреќа што се случи вчера попладне во близина на Скопје, потврди италијанската агенција „Анса“. Авионот Пајпер полета од авиоклубот Тревизо во 14 часот и исчезна од радарите на Контролната кула на Скопскиот аеродром вчера попладне околу 17.40 часот во фазата на слетување.
Во него биле петмина патници, плус пилотот Франческо Монтањер, кој е претседател на аматерскиот спортски авиоклуб Тревизо. Со него биле и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, Лука Дале Муле, Анџело Калјегари, Иларија Берти и Висар Бегај, Косовец со италијанско државјанство. Жртвите се од италијанските провинции Тревизо, Падуа и Удине.
Пајперот морал да слета во Скопје за да наполни гориво. Спасувачките тимови се во потрага по црната кутија за да се утврди причината за несреќата. Потрагата е отежната, бидејќи кај местото на несреќата, скопското село Кожле, временските услови се лоши со дожд, ветар и намалена видливост.
Групата го планирала патувањето во Македонија за бизнис, исто така, поврзан со авиоклубот. Од пистата на аероклубот полетале четири авиони, два за Приштина и два за Скопје. Сите пристигнале на нивните дестинации, освен Пајперот на претседателот на авиоклубот.