Двајца велешани се жалеле на претходно изречената парична казна за непочитување на полицискиот час, по што еден од нив добил уште повисока глоба.
Тие поднеле приговори по донесените пресуди во Основен суд Велес за непочитување на полицискиот час во периодот од 30 март до 16 април, зашто биле незадоволни од изречената казна од 800 евра, односно 40 дневни глоби од по 20 евра. Тие биле прогласени за виновни за стореното кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
На едниот од нив му е изречена нова, повисока казна од претходната, па место 800, ќе треба да плати 1.000 евра. Тој пред судот се бранел дека задоцнил само пет минути оти тренирал на Градски стадион, а бил професионален фудбалер во Албанија и се наоѓал на неколку минути од дома кога бил запрен од полицијата на мостот „Гемиџии“. Згора на тоа, го уверувал судот дека бил од угледна фамилија.
Во овој период, Основен суд Велес изрече 22 парични казни за непочитување на полицискиот час, сите во висина од 800 евра. Од нив, 20 станаа правосилни, а има и една условна затворска казна од три месеци, која нема да се спроведе доколку обвинетиот во период од една година не стори ново кривично дело.
П. ПЕЧКОВ