Производителите на метански уреди за возила нудат конвертирање на дизел возилата, со што се овозможува нивни погон на мешавина од дизел и метан. На тој начин, тие стануваат поекономични и поеколошки. Пренамената на комбиња и товарни возила на дизел + метан не ги намалува перформансите на возилото и е погодно за приватни и службени возила.
Јавното транспортно претпријатие на Виена од 1960-ите работи на приспособување на своите автобуси на течен нафтен гас како алтернативно гориво. Моментално, сите автобуси на „Wiener Linien“ возат целосно на гас. Во 2005, компанијата „МАН“ во соработка со „Wiener Linien“ разви и претстави нова генерација на мотор со течен нафтен гас со емисија на штетни гасови што е за 50 проценти под Еуро 5 стандардот. Истовремено, со новиот мотор се намалени потрошувачката на гориво и емисијата на јаглерод диоксид, а е постигнато и намалување на бучавата.
Град Скопје веќе набави 33 нови нископодни автобуси на гас метан од „МАН“ со Еуро 6 стандард. Според постигнатата цена на тендерот, еден автобус чини 263.000 евра, а зглобните автобуси по 334.000 евра. Според најавите на градските власти, со новите еколошки автобуси годишно ќе се прави заштеда од 25.000 евра за гориво и тие ќе испуштаат 0,04 грама ПМ честички на километар, што е и до 90 проценти помало загадување.
Според Државниот завод за статистика, во 2018 година на нашите патишта имало 3.201 автобус, од кои 3.006 биле на нафта, а само 40 користеле гас. Нивната просечна старост била 18,7 години.
На патиштата во Европска Унија имало околу 770.000 автобуси, со просечна старост од 11,4 години. Најнови автобуси има Австрија со просечна старост од 5,4 години, а најстари Грција со просечна старост од 20,4 години.