Дивоградбата со која се гради ѕид во Охридсктото Езерото кај авто-кампот „Градиште“ ќе биде урната, објави на својот фејсбук страница градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Според Георгиевски, општинските инпсектори упте на 24 март му дале рок на дивоградителот сам да ја урне дивоградбата, но речиси два месеца подоцна нема активност за уривање.
„Чувствувам обврска, поради денешните бројни реакции кои лично од граѓаните и преку медиумите пристигнаа за изградбата на ѕид во непосредна близина на Охридското Езеро во авто-кампот ‘Градиште’, да ве информирам дека инспекциските служби на Општина Охрид, на 24.03.2020 година, извршија увид и составија записник. Согласно законските процедури, донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а доколку тоа не го направи во предвидениот рок, Општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот”, објави синоќа Георгиески.
Тој вели дека никој од Општината не издал одобрение за изградба на објекти кои го загрозуваат Езерото.
„Ве уверувам дека никој од Локалната самоуправа, а ниту јас лично, сме издале или имаме намера да издадеме одобрение за изградба на објекти кои директно влијаат врз загадувањето на Охридското Езеро или го нарушуваат светското природно и културно наследство“, вели охридскиот градоначалник.
По повод дивоградбата кај Градиште се огласија и од невладината Охрид СОС.
„Се гради ѕид практично в езеро. Не знаеме кој дал одобрение, кој гради, или зошто. Ги повикуваме инспекциските служби во Општина Охрид веднаш да излезат на терен и да се запре изградбата а да се санкционираат сторителите. Дополнително, во јавноста, да кажат како може да се случува ова. Зошто вакви работи не се прикажаа во брошурата за една година мандат на Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид? Стево Пендаровски нека вметне вонредна точка на таа т. н. лидерска средба, па малку да се зборува и за ова, а не само за датуми за избори”, велат од Охрид СОС.
Д. ЧУБРИЌ