Пцовисаните свињи, кои пред месец дена беа пронајдени во околината на Велес, не се болни од опасни заразни болести актуелни во животинскиот свет и не се закана по околината, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Случајот од ветеринарна страна е затворен.
„Дилемата дали угинатите свињи имаа опасна заразна болест е расчистена. Надлежната лабораторија од Ветеринарен факултет, констатира дека нема африканска свинска чума или класична свинска чума. Направивме истрага по фармите кои се во близина на местото каде беа пронајдени пцовисаните свињи и нема констатирано дека тие се сопственици. Најверојатно, причината за смртта е задушеност или несоодветен транспорт на животните. Но за тоа одговор ќе треба да даде МВР, бидејќи случајот е препратен кај нив“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК заменикот-директорот на Агенцијата за храна и ветерина Фирус Мемед.
Десетте угинати свињи беа најдени на 14 април иако биле фрлени на тоа место пет дена порано, а по реакцијата на жителите на блиското село Мамутчево. Пцовисаните свињи потоа беа закопани во јама длабока три метра, гробницата дезинфицирана и попрскана со вар.
П. ПЕЧКОВ