Мешан тим кардиохирузи на Клиниката за кардиохирургија се подготвува за правење на првата трансплатација на срце во земјава, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
На трансплантацијата ќе работи тим од тројца кардиохирурзи под водство на Проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, Проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување, воедно и Национален координатор за трансплантација.
„Имаме, за жал, почината пациентка чие семејство се согласи да го донира срцето и пациент кој веќе подолго време чека донор. Се спремаат тимовите и доколку дозволи клиничката состојба, во текот на вечерта ќе се изврши најпрво експлантација на срцето од донорот, а потоа и трансплатација. Вечерва останувам на кардиохирургија во поддршка на моите колеги. Ова е голем чекор за државната кардиохирургија и за нашето јавно здравство. Ова е тешка и ризична интервенција. Верувам во стручноста и експертизата на овој тим и им посакувам многу среќа и успешна операција. Сакам лично да се заблагодарам на семејството кое ја даде согласноста, тие покажаа што значи алтруизам во вистинска смисла на зборот“, кажа Филипче.
Пациентите кои имаат вградено вештачко срце (SynCardia ТAH) или механичка потпора (Lvad, Bivad) односно пумпа, постојано апелираат дека е потребно во земјава да се подигне свеста во јавноста за донирање органи.
„Пациентите со механичка потпора на срцето се поретки од ретките во нашата држава, затоа од суштинска важност е поддршка од граѓаните и институциите, заедно да го поминеме мостот, да покажеме колку е голема и несебична душата на нашиот народ и колку е возвишен чинот да се подари живот на еден човек“, велат од Здружението кое е формирано лани во ноември.
Б. НЕСТОРОСКА