1. Дописникот на белградска “Наша борба” од Њујорк, специјално за “Сакам да кажам” јавува дека Македонија наскоро ќе биде примена во Обединетите нации. Од добро информирани извори во седиштето на светската организација се дознава дека преговорите за прием се во завршна фаза во Советот за безбедност. Дури, таму се шпекулира дека може да се случи ненадејно да допатува претседателот на Републиката Киро Глигоров заедно со известувач на Македонската телевизија, за да присуствува на приемот. Дописникот дознава дека околу приемот ќе мора да се направи и некаков вид компромис. Се шушка дека Македонија ќе биде принудена да им се приклучи на Обединетите нации под привремено име “Бивша југословенска република Македонија” или така нешто. Заради противењето на Грците изгледа дека нема да ни дадат да го истакнеме и знамето на јарболите пред седиштето на ОН.
Браво, значи секаде нé примија! Така на оваа вест би изреагирал некој редовен ТВ претплатник на МТВ. Условот е само да му ја дадат на Бане Димовски, да ја прочита со нему својствената драматика на почетокот на централниот ТВ дневник и да ја повтори како вест на денот на крајот, по прогнозата за времето. Исто така што пред некоја вечер нé израдува со веста за приемот во Светската банка. Што му требаше другиот ден на министерот Љубе Трпевски да дава изјави дека во Светската банка нé примиле уште во декември 1993 година!? Колку беше радосен ТВ водителот – му го расипа расположението. А и ние таман се израдувавме дека МТВ конечно нашла нешто ексклузивно и ги зафркнале “А1” и “Сител”.
Колку ли само ќе се радуваме кога ќе нé примат во Обединетите нации!
2. Не ми е јасно зошто официјална Атина сé уште не е во паника по веста дека Македонија комплетно ќе ја затвори јужната граница. Сигурно уште се занимаваат со изборот на нов претседател. Можеби и не можат да ја пренесат веста. Како ќе кажат дека тоа било објавено во “Македонско време”. Ако го преведат на грчки, ќе излезе “Скопско време”. Тоа повеќе личи како име на некој локален градски водич. А текстот од такво списание е несериозно да се пренесува.
Меѓутоа, работава е многу сериозна штом на веста веднаш реагираше портпаролот на Владата Ѓунер Исмаил. Тука мора да има нешто. Можеби списанието пушта пробни балони. Штом нашата влада толку се потресе, нешто е матна работата.
Искрено мислам дека Македонија нема да може да ја затвори копнената граница со Грција. Ама оној дел од веста во кој се вели дека затворањето важи и за воздушниот простор се чини поверодостоен. Балоните можат да се надуваат и да се пуштат во воздух. Секој балон ќе го врзат со конче долго десетина илјади метри и ќе им го дадат на припадниците на македонското воено воздухопловство што ќе ги распоредат долж граничната линија меѓу Македонија и Грција. Така тие ќе претставуваат непробивен штит за грчките авиони. Доста веќе се фалевме со градобијните ракети на “Теас-темко”. Тој систем на одбрана не профункционира зашто Дирекцијата за цивилно воздухопловство не им поделила доволно мегафони на контролорите на летањето, за да можат да им викаат на грчките пилоти да се спуштат малку пониско, па да можеме да ги гаѓаме.
Само пак да не се појави Ѓунер Исмаил да ги издише балоните. Отиде нашиот концепт на противвоздушна одбрана.
3. Кога сме веќе кај одбраната и кај ексклузивните вести, а во контекстот на доаѓањето на 5, 10, или 15 илјади американски војници во Македонија, од ептен доверливи извори се дознава и следново:
Владата на Република Македонија го условува зачленувањето во НАТО! Македонскиот преговарачки тим, на упорното убедување на НАТО-вците да ја зајакнеме алијансата со наше присуство, на последната средба во Брисел го условила учеството во НАТО со дозвола за командување на македонски јазик. (Со образложение дека тоа е наше “приватно право”, како што би се изразиле Албанците во македонското собрание.) Дознаваме дека по оваа уцена преговорите се влезени во ќор-сокак. Нивното образложение е “Што ќе ви е командување на македонски јазик?” Ставот е поткрепен со објаснувањето: “Ако ви испратиме 15 илјади американски војници – тогаш комотно можете да ја распуштите вашата армија!”
4. Единствено ќе ја задржиме царската гарда. Да ѝ дава белег на државата што ќе ја направи новоформираната Монархистичка партија. Патем, до каде стигна конкурсот за немажените Македонки што сакаат да станат принцези. Избрано ли е македонското девојче кое ќе ни се омажи со некој странски принц, што ќе ни служи за приплод да се роди македонското царче. Нема тука Калеш Анѓа, анама не бивам и слични работи. Има да земе принц од странство, цел живот да страда што нема да земе момче Македонче, па да види што е рај, ама ќе влезе во историјата и во нови народни песни, зашто ќе се жртвува за иднината на монархистичка Македонија.
Луѓето од Монархистичката партија велат дека, кога ќе се роди царот, тие ќе ја распуштат партијата, зашто целта ќе биде остварена. Во моментот на распуштањето Македонија ќе добие и цар и дворски шутови.