АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ОД ПРОСВЕТНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ДА ЈА ПРОВЕРИ ПОСТАПКАТА ЗА ИЗБОР НА РЕКТОР НА УКИМ

    АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ОД ПРОСВЕТНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ДА ЈА ПРОВЕРИ ПОСТАПКАТА ЗА ИЗБОР НА РЕКТОР НА УКИМДенес на 43. седница на Универзитетскиот Сенат на УКИМ се бира комисија која ќе ја спроведе постапката за избор на ректор. Комисијата се бира со тајно гласање. (Фото: УКИМ)

    Државната комисија за спречување на корупција ќе испрати барање до Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во однос на постапката за избор на ректор на УКИМ, за избор на претседател на Сенатот и да преземе мерки согласно своите надлежности.

    Денес на 43. седница на Универзитетскиот Сенат на УКИМ се бира комисија која ќе ја спроведе постапката за избор на ректор. Комисијата се бира со тајно гласање. Гласањето е во тек и привршува, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Изминативе денови тројцата проректори на скопскиот УКИМ, проф. д-р Вујица Живковиќ, проф. д-р Гордана Јосифова-Неделкова и проф. д-р Владимир Петрушевски, како и Независниот академски синдикат, преку одделни писма до медиумите го обвинија ректорот Никола Јанкуловски дека во време на вонредна состојба незаконски закажал седница за избор на нов ректор, функција за која и самиот е кандидат.

    Тие реагираа дека Јанкуловски незаконски и нестатутарно ја тера започнатата постапка за избор на ректор, која првично требала да се почне во март, но е стопирана поради коронавирусот. Тие реагираат дека во услови на вонредна состојба, тој закажал Седница на универзитетскиот Сенат, а на овој дневен ред како точка 18 е поставена Предлог одлука за начинот на спроведување на тајното гласање.

    Од ДКСК велат дека постапуваат по пријава во врска со функционирањето на Сенатот и најавата за отпочнување на постапка за избор на Ректор на универзитетот, и оценуваат дека ректорот постапувајќи од позиција на претседавач на Сенатот на УКИМ, презема активности за формирање Универзитетска изборна комисија за избор на ректор, со што доколку се јави како кандидат за нов мандат за ректор директно се доведува во состојба на фактички судир на интереси.

    „Иако Статутот на УКИМ е донесен во јуни 2019 , досега не е спроведена постапка за избор на претседател на Сенатот, ниту пак е дадено право на највозрасниот член на Сенатот да ги врши работите на претседател на Сенат, што е предвидено со член 159 од Статутот“, стои во соопштението на Антикорупциска.

    Тие сметаат дека постапувањата за започнување и за спроведување избор на ректор во вонредна состојба, се спротивни на Уредбата на РСМ објавена во Службен весник бр. 76 од 24.03.2020 , каде се вели дека за време на траењето на вонредната состојба, мандатот на членовите на органите и телата се продолжува до завршувањето на вонредната состојба.

    „Ова дотолку повеќе што со Статутот на УКИМ, донесен на 28.06.2019 година, попрецизно се уредени постапките за избор на органите и телата на Универзитетот. Имено, со член 159 од Статутот на УКИМ претседателот на Сенатот се бира од редот на сенаторите, а до неговиот избор, работите од надлежност на претседател на Сенат ги врши највозрасниот присутен член на Сенатот. Актуелниот ректор покрај функцијата ректор, врши улога на претседавач на Сенат, користејќи ги преодните и завршните одредби од новиот закон, во смисла дека ректорите, проректорите ја вршат својата функција до истекот на нивниот мандат, иако и со Законот за високо образование и Статутот е јасно дека тоа е нова функција“, соопшти Антикорупциска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира