ТРОЈЦА ПРОРЕКТОРИ И СИНДИКАТОТ ГО ОБВИНИЈА ЈАНКУЛОВСКИ ДЕКА НЕЗАКОНСКИ ТЕРА ИЗБОР НА РЕКТОР ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

    ТРОЈЦА ПРОРЕКТОРИ И СИНДИКАТОТ ГО ОБВИНИЈА ЈАНКУЛОВСКИ ДЕКА НЕЗАКОНСКИ ТЕРА ИЗБОР НА РЕКТОР ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБАТројцата проректори и Независниот синдикат го обвинија ректорот Никола Јанкуловски дека во време на вонредна состојба незаконски закажал седница за избор на нов ректор, функција за која и самиот е кандидат, а тој вели дека се е по закон. (Фото: УКИМ)

    Тројцата проректори на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), проф. д-р Вујица Живковиќ, проф. д-р Гордана Јосифова-Неделкова и проф. д-р Владимир Петрушевски, како и Независниот академски синдикат, преку одделни писма до медиумите го обвинија ректорот Никола Јанкуловски дека во време на вонредна состојба незаконски закажал седница за избор на нов ректор, функција за која и самиот е кандидат.

    Ректорот Јанкуловски вели дека започнатата постапка за избор на ректор за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование, дека мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен како и дека оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку дека само станува збор за спроведување на законска постапка.

    Тројцата проректори Живковиќ, Јосифова-Неделкова и Петрушевски, како и Независниот академски синдикат, реагираа дека Јанкуловски незаконски и нестатутарно ја тера започнатата постапка за избор на ректор, која привично требала да се почне во март, но е стопирана поради коронавирусот. Тие реагираат дека во услови на вонредна состојба, тој закажал Седница на универзитетскиот Сенатат, а на овој дневен ред како точка 18 е поставена Предлог одлука за начинот на спроведување на тајното гласање.

    „Тука не се застанува: имено за наредниот ден 27.05.2020 год., закажана е уште една 43-та седница на универзитетскиот Сенатот со една точка на дневниот ред – Формирање Универзитетска изборна комисија (избор на членови и нивни заменици). И на крајот наредниот ден 27.05.2020 год., следува уште еден состанок: 250-та седница Ректорската управа со една точка – Донесување Одлука за објавување јавен оглас за избор на Ректор на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје за мандатниот период 15 септември 2020 година – 15 септември 2023 година и утврдување на содржината на јавниот оглас кој согласно Статутот  требаше да биде донесен во месец март 2020 година, на седница на Ректорска управа заедно со одлуката за започнување постапка за избор на ректор“, стои во писмото од тројцата професори.

    Од Независниот академски синдикат сметаат дека закажаните седници за наредниве денови се извршуваат во време кога претседавач на Сенатот на УКИМ е самиот ректор Јанкуловски, спротивно на членот 96 од Законот за високото образование, според кој треба да се избере претседавач од редот на универзитетските сенатори.

    „Изборот на претседател на Сенатот претставува клучен услов за спроведување на фер и транспарентна постапка за избор на ректор. Во спротивно, постои висок ризик за злоупотреба на службената должност во постапката за избор на ректор, во ситуација кога проф. д-р Јанкуловски е истовремено ректор, претседавач на Сенатот и кандидат за ректор. Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, ‘мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба’“, велат од Синдикатот и укажуваат:

    „Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за споведување избори за ректор”.

    Јанкуловски преку соопштение до медиумите вели дека изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, туку изборот ќе го извршат членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ.

    „Постапката за избор на ректор ќе биде спроведена согласно споменатиот Закон, Статутот на УКИМ и, секако, роковникот ќе се спроведува согласно превентивните мерки на Владата на РСМ за справување со состојбите предизвикани од последиците од КОВИД-19. Членот 5 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, се однесува за продолжување на мандатот на органите на Универзитетот и единиците каде тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот, така што имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци и сл., постапката за избор на ректор треба да продолжи“, вели Јанкуловски.

    Тој вели дека негова должност и обврска како ректор на Универзитетот е да ја продолжи започнатата законска постапка за избор на ректор и да ја спроведе во „најдемократска и отворена постапка за што сведочат и веќе закажаните седници на органите на Универзитетот кои имаат должност и обврска да ја спроведат оваа постапка, за жал и во овие вонредни корона состојби“.

    „Напротив, непродолжувањето на веќе започната постапка за избор на ректор на Универзитетот значи директна повреда и непочитување на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот“, вели Јанкуловски и додава дека за жал, коронавирусот веројатно уште долго време ќе биде присутен во нашите животи и „наша обврска е да ги адаптираме нашите животи и работа согласно новите состојби“.

    „Коронавирусот ќе биде присутен, но сите ние треба да продолжиме да работиме. Ни претстојат испитите, уписот на новите студенти, изборите на новите органи на Универзитетот: на декани, нов Сенат, нов ректор… Никако не смееме да застанеме“, вели Јанкуловски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира