Независните филмски работници ќе добијат по две минимални нето плати од 14.500 денари, односно вкупно 29.000 за двата најкризни месеци: април и мај, во рамки на изгласаната Уредба на вчерашната владина седница со која законски се утврдува финансиската поддршка на „филмските работници за време на вонредна состојба“, соопшти Друштвото на филмски работници (ДФРМ). Станува збор за одобрување за пренамена на средства од Агенцијата за филм со цел доделување на еднократна помош на независниот филмски работник
ДФРМ и Агенцијата за филм од почетокот на вонредната состојба поради коронакризата, апелираа до Владата преку Министерство за култура за поддршка на филмските работници. Во заедничката иницијатива, велат тие, јасно се дефинирани професиите кои сè спаѓаат во оваа група работници од: режисер, помошник режисер, костимограф, монтажер, организатор на снимање, продуцент, фарист и многу други единствени занимања кои би биле квалификувани за доделување на субвенцијата – исплата на две минимални нето плати.
„Во меѓувреме формирана е и Комисија, која преку јавен повик ќе ги разгледуваат барањата за финансиската помош со уште подетални квалификации за оваа поддршка, меѓу кои и: работникот да остварува приход единствено од работа на филм, да има работено на 3 професионални филмови во последните 5 години, финансиран од страна на Агенција на филм на РСМ и активно да работел на филм во последните 5 години“, велат од ДФРМ.