Неколку згради се запалени на вториот ден од насилните протести во американскиот град Минеаполис, кои уследија по смртта на невооружен Афроамериканец додека бил приведуван од полицијата.
Четворицата полицајци кои учествуваа во трагичниот инцидент во понеделникот се отпуштени од работа, додека градоначалникот Џејкоб Фреј побара да бидат покренати криминални обвиненија против полицаецот кој со колено го притиснал вратот на 46-годишниот Џорџ Флојд, кој подоцна почина во болница.
Демонстрантите фрлаа со камења и шишиња по полицијата, која возврати со солзавец. Локалните медиуми јавуваат дека делови од Минеаполис изгледаат непрепознатливо по последните протести, додека пожарникарите реагирале на 30 дојави за пожари. Еден маж е убиен од сопственикот на дуќан додека наводно се обидувал да го ограби. Полицијата кажа дека имало многу грабежи за време на протестите и дека е предизвикана голема штета.
„Сакам сите да бидат мирни, но луѓето се повредени затоа што се уморни да гледаат како црни луѓе умираат. Полицајците кои учествуваа во приведувањето на Џорџ мора да бидат уапсени и да одговараат“, изјави братот на убиениот Флојд.