1. Силите на УНПРОФОР во Хрватска си ја завршија својата работа. Ги зацементираа границите со отцепените Срби во Српска Краина. Туѓман се налути, се закани дека ќе ги избрка силите на ОН и повторно уцената, како и многу пати досега, даде резултати. Американците го молеа Туѓман и дојдоа до ново решение. Силите на ОН ќе останат, ама со друг мандат, значително намалени и со друго име. Отсега мировната операција во Хрватска ќе се вика УНФИЦ – според англискиот назив на Хрватска – Цроатиа.
И министерот за надворешни работи на Македонија Стево Црвенковски деновиве повторно го актуализира барањето до Генералниот секретар на ОН, силите на УНПРОФОР во Македонија да се издвојат од заедничката команда за бивша Југославија, бидејќи и онака кај нас уште од почетокот се работи за комплетно друг мандат од оној во Хрватска и Босна и Херцеговина. Проблемот, како што стана практика кога е во прашање Македонија, најверојатно повторно ќе биде – името.
Мисијата на ОН во Македонија би можела да го добие името УНПРОМ – што преведено на македонски би значело “Превентивна мисија на ОН во Македонија”. Арно ама, во ОН сé уште важи она “бивша”, односно “формер”. Па името ќе ни остане УНПРОФОР, плус едно “М”. Па, ќе се чита – “УНПРОФОРМ”. Тоа преведено на македонски би можело да се прочита како “Сили на ОН про-форма”.
2. Грижа за зачувување на формата имаат и некои собраниски комисии. На пример, Комисијата за избори и именувања. Нејзиниот претседател Наќе Стојановски ја претвори комисијата во истражен орган. Под набљудување се бившите пратеници кои примаат апанажа. Се испитува кој од нив има приватна фирма, кој ја дели со брачниот партнер, чија жена развива приватна дејност и така натаму.
Наместо да се занимава со истражна постапка, многу порационално би било господинот Стојановски да собере уште неколкумина партиски соборци и да предложи закон за укинување на апанажата. И онака народот е гневен на бившите функционери, кои иако ништо не работат примаат плата. Силна пратеничка група се, за изгласување на таков закон не ќе мора којзнае колку гласови, ја имаат поддршката од избирачите и ќе го решат проблемот со апанажата засекогаш. Многу е поедноставно отколку да изигруваат финансиски инспектори и да тарашкаат по списоците на Управата за јавни приходи и по банкарските сметки. Освен тоа, ќе се осигураат по четири години, кога тие ќе станат бивши, никој да не им чепка по приватниот живот.
Донесувањето на еден таков закон, со кој би се укинала апанажата, би придонело за значително подигање на нивото на парламентарниот состав. Ако знаат дека, кога ќе им заврши мандатот, нема да им бидат осигурани пари без работа, кога ќе се кандидираат за избори, добро ќе размислат дали имаат каде да се вратат. Вака излезе дека некои фирми одвај дочекале некој нивни вработен да стане пратеник, за да се спасат од него, па сега не го примаат назад. А народот нема да се залажува да избира типови што никој не сака да му се вратат.
3. Скопското раководство донело одлука градот да се зачисти потемелно пред состанокот на министрите на Централноевропската иницијатива. Во главниот град на државата кон крајот на идната недела ќе допатуваат дваесетина министри за надворешна трговија од Средна и Источна Европа, па редно е градот малку да се замете.
Ова со ударничкото чистење ме потсетува на детските денови, кога во Скопје доаѓаше Тито и забрзано се крпеа дупките по улиците низ кои ќе помине колоната и се светнуваа тротоарите и излозите, а на балконите беше забрането да се сушат гаќи, маици и чаршафи како заштитен знак на урбаната средина.
Во рамките на подготовките за состанокот на министрите, Владата купи уште дваесет луксузни автомобили. Сé е подготвено за пречек, возилата се тука, а и улиците по кои ќе поминат ќе бидат зачистени. Остана уште проблемот на сместувањето. Со сите маки што ги напрвивме изминативе години, успеавме да не изградиме барем еден луксузен хотел, така што на гостите со гордост ќе им ги покажеме старите добри социјалистички зданија, што се претставуваат како хотели.
За да не се брукаме, и сé да биде како во времето на Тито, имам еден предлог. Да ги сместиме гостите по дома. Вработените во Министерството за надворешни работи нека ги чекаат авионите на аеродромот и по принципот “запознавање со непознато другарче” нека си изберат гостин и нека го сместат на спуштениот тросед во дневната соба. Како порано, во времето на братството и единството, кога си се посетуваа училишта од разни делови на бивша Југославија.
4. Британскиот амбасадор Тони Милсон повторно бил во Тетово, ама сега разговарал со македонскиот дел од раководството на општината. Рекол дека од разговорите ќе испрати извештај до Форин офисот во Лондон.
Нема потреба многу да се мачи со должината на извештајот. Само нека наведе дека во Тетово морал да оди два пати – еднаш да ги слушне Албанците, а втор пат – Македонците. Таму сé ќе им биде јасно!