Демонстрантите се судрија со полицијата во десетици градови низ САД, на протестите во врска со смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд, кој почина во понеделникот во Минеаполис додека бил приведуван од полицијата.
Стотици луѓе се собраа и пред Белата куќа, која на кратко беше ставена во карантин, при што полицијата беше гаѓана со шишиња и други предмети. Властите воведоа полициски час во Минеаполис од 22 до шест часот, но сепак имаше палежи и грабежи низ градот.
„Ве молам, одете си дома! Ситуацијата стана опасна“, се обрати гувернерот на Минесота, Тим Валц.
Пентагон издаде ретка наредба и стави во состојба на подготвеност неколку единици на воена полиција. На војниците од Северна Каролина и Њујорк им било кажано да реагираат во Минеаполис во рок од неколку часа доколку бидат повикани.
Протестите продолжија и се проширија иако вчера беше уапсен полицаецот Дерек Човин, кој е снимен како со колено го притиска вратот на Флојд при приведувањето, по што тој почина во болница. Освен Човин, уште тројца полицајци добија отказ.
Вонредна состојба е прогласена во некои области на Атланта, каде што е оштетено седиштето на Си-Ен-Ен и се запалени неколку полициски возила, додека во Портланд бил подметнат пожар во полициска станица. Во Калифорнија, демонстрантите блокирале четири големи сообраќајници. Неколкумина полицајци се повредени во Бруклин, каде што исто така имаше жестоки судири.