ВО ДРЖАВНИТЕ БОЛНИЦИ ИМА 285 РЕСПИРАТОРИ, 165 ПОВЕЌЕ ОД ПОЧЕТОКОТ НА КОРОНАКРИЗАТА

    ВО ДРЖАВНИТЕ БОЛНИЦИ ИМА 285 РЕСПИРАТОРИ, 165 ПОВЕЌЕ ОД ПОЧЕТОКОТ НА КОРОНАКРИЗАТАГрадската општа болница „8 Септември“ на 1 јуни доби респиратори од Норвешка. Раководителите на Одделенијата за анестезиологија и интензивна нега и на Хируршките одделенија д-р Мите Николов и д-р Јасмин Циривири на презентацијата на донацијата. (Фото: К. Попов )

    Јавното здравство во моментов располага со 265 респираторни машини и 20 мобилни респиратори. Од Министерството за здравство велат дека на почетокот на епидемијата на коронаворирусот, јавното здравство имаше на располагање 120 респиратори. Од нив, 90 беа во болниците во Скопје, а останатите 30 во јавно-здравствените установи низ државата.

    Во изминатиот период како донација пристигнаа 135 респиратори.

    • 20 респиратори – донација од Европската Унија
    • 85 неинвазивни респиратори – донација од четири македонски компании
    • 20 мобилни респиратори – донација од Норвешка
    • 3 респиратори – приватна донација од Бугарија
    • 7 респиратори – донација од УНИЦЕФ. Дополнително треба да пристигнат уште 3 респираторни машини од УНИЦЕФ.

    Донираните респираторни машини се распределени на Инфективната клиника, Градската општа болница „8 Септември“ и  Клиниката за неврохирургија во Скопје, како и на инфективните одделенија во здравствените установи во Струмица, Штип, Битола, Тетово, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Охрид, како и во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

    Во скопската болница „8 Септември“ минатиот месец имаше двајца пациенти заболени од КОВИД-19 кои се извлекоа од респираторна машина, тетовец на 43 години и скопјанец на 37 години.

    Според денешните информации од Министерството, на респираторна машина има девет пациенти во „8 Септември“.

    На Инфективната клиника нема пациенти на механичка вентилација. На кислородна поддршка се 29 пациенти.

    Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција рече дека огромен процент од новодијагностицираните се со лесна клиничка слика и сѐ помалку има пациенти на респираторна машина.

    Вкупно ковид дијагностицирани во земјава се 3.239, оздравени се 1.658, починати се 157, а активни има 1.424.

    Во светските медиуми, често се објавуваат текстови дека некои лекари избегнуваат да ги користат респираторите, со образложение дека прават повеќе штета за пациентите. Причината е што некои болници во САД имаат невообичаено висока смртност на пациенти со коронавирус на респиратори и некои доктори се загрижени дека машините можеби им штетат на одредени пациенти. Респираторите внесуваат кислород во пациентите чии бели дробови откажуваат. При користење на респиратори, смртните случаи се чести, без разлика на причината поради која е потребна помош при дишењето.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира