ВМРОВСКАТА ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРКА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА 2 МЕСЕЦА ГО КОЧИ ИТНИОТ КРЕДИТ ЗА КОРОНАКРИЗАТА ОД СВЕТСКА БАНКА, СЕ ПОЖАЛИ ФИЛИПЧЕ

    ВМРОВСКАТА ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРКА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА 2 МЕСЕЦА ГО КОЧИ ИТНИОТ КРЕДИТ ЗА КОРОНАКРИЗАТА ОД СВЕТСКА БАНКА, СЕ ПОЖАЛИ ФИЛИПЧЕ„Парите ќе се искористат за опермување на инфективните одделенија ширум државата, за опремување на сите одделенија за интенизвна нега, кревети, респираторни машини, аспиратори, перфузори, мобилни ретнген апарати, сѐ што значи квалитетен третман на пациентите“, рече денеска министерот Венко Филипче; - На промоција на донација на опрема за јавното здравство. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Два месеца, и осум пати ѝ одговоривме на прашањата на дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за што ќе се употреби заемот од Светска банка, и навистина жалам зошто уште не сака да го потпише заемот и не ја разбирам причината, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

    Димитриеска-Кочоска, која е дополнителна заменик-министерка од ВМРО-ДПМНЕ, одбива да го потпише заемот од 90 милиони евра, и Владата на вчерашната седница, за да се одблокира потпишувањето организираше расправа на која како гостин учествуваше и претставничката на земјава во Светска Банка Нина Фити-Неделковска, која објасни дека одолговлекувањето на потпишувањето на договорот ја става во ризик долгодишната соработка меѓу банката и земјава.

    „Навистина не можам да ја сфатам причината. Имаме потреба од овој брз кредит, и се соочуваме со ваков проблем. Тоа е сериозен хендикеп за здравствениот систем во оваа фаза. Вакви поддршки на здравствените системи земале над 100 земји. Тоа е таканаречена итна и брза помош, итен и брз кредит, а ние веќе 2 месеца одговораме на прашањата за што ќе беа наменети парите. За опремување на инфективните одделенија ширум државата, за опремување на сите одделенија за интенизвна нега, кревети, респираторни машини, аспиратори, перфузори, мобилни ретнген апарати, сѐ што значи квалитетен третман на пациентите. Голем број на европски земји очекуваат нов бран наесен, имаме случаи во регионот каде се зголемува бројот на новозаболени. Ќе го кажам ова со резерва, но мислам дека ние први изреагиравме на епидемијата“, одговори министерот на новинарско прашање.

    Владата смета дека со оваа постапка, Димитриеска-Кочоска „ги доведува во сериозен ризик реализацијата на овие иницијативи за зајакнување на здравството и за поддршката на социјално ранливите категории граѓани, сега посебно погодени од кризата“.

    Средствата од 90 милиони евра ќе бидат наменети за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со КОВИД-19, за набавка на медицинска опрема, за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи, за финансирање на привремената поддршка за невработените со обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места во кризата, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани кои пред кризата не ги исполнувале условите, како и за поддршка за работниците што биле одјавени од нивните работодавачи и кои добиваат надоместоците од осигурување во случај на невработеност.

    „„Во таа насока е донесен заклучок да биде побарано мислење од Државната изборна комисија за оваа опструкција во работењето на Владата од аспект на членовите од Законот за Влада кои се однесуваат на изборот и на работењето на техничката, односно преодната влада“, се вели во вчерашното соопштение од седницата на Владата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира