СРЕДНОШКОЛЦИТЕ МОЖЕ ДА ИЗБЕРАТ ДА УЧАТ НА ТУРСКИ ЈАЗИК ВО 11 УЧИЛИШТА ВО ЗЕМЈАВА, И НА СРПСКИ ВО ЕДНО

    СРЕДНОШКОЛЦИТЕ МОЖЕ ДА ИЗБЕРАТ ДА УЧАТ НА ТУРСКИ ЈАЗИК ВО 11 УЧИЛИШТА ВО ЗЕМЈАВА, И НА СРПСКИ ВО ЕДНОСкопската гимназија „Јосип Броз Тито“ е едно од училиштата каде учениците можат да се запишат за настава на турски јазик. (Фото: К. Попов)

    Од 16 јуни почнуваат уписите на учениците во средните училишта во земјава, а од Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците ги повикуваат сите ученици припадници на заедниците да го остварат своето право да учат на мајчиниот јазик и во средно образование.

    Во средните училишта наставата се одвива на македонски, албански, турски и српски наставен јазик. Бројот на училишта со турски и српски наставен јазик е помал, а училиштата се во општините во кои се сконцентрирани турското односно српското насление. Во учебната 2020/2021 година, учениците можат да се запишат во следниве училишта со настава на турски јазик:

    • СУГС „Јосип Броз Тито“, Скопје
    • СУГС „Цветан Димов“, Скопје
    • Средно медицинско општинско училиште во Гостивар
    • Средно општинско училиште – Гостивар
    • Општинско средно техничко училиште во Гостивар
    • ОСУ „Мирко Милески“, Кичево
    • СОУ „Коста Сусинов“, Радовиш
    • СОУ „Цар Самоил“, Ресен
    • СОУ „Ибрахим Темо“, Струга
    • ОСМУ „Никола Штејн“, Тетово
    • СОУ „АТА“, Центар Жупа

    На српски наставен јазик во средно училиште наставата се изведува во Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.

    Потребните документи за упис, како и пријавите на секој од наставните јазици, учениците можат да ги симнат од страницата на Министерството за образование и наука.

    „Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани, и затоа се ставаат во функција сите нејзини капацитети да се создаде општество во кое секој поединец ќе ги ужива своите со закон и устав загарантирани човекови права. Едно од фундаменталните човекови права е правото на образование на мајчиниот јазик“, вели м-р Славица Тодорова, директорка на Управата.

    Тодорова потсетува дека во основните училишта во земјава наставата се изведува на пет наставни јазици: македонски, албански, турски, српски и босански. Исто така, учениците припадници на етничките заедници имаат можност да го изберат учењето на мајчиниот јазик како втор изборен предмет според условите пропишани во Наставниот план и програма, и тоа: Јазик и култура на Србите, Јазик и култура на Турците, Јазик и култура на Ромите, Јазик и култура на Бошњаците, Јазик и култура на Власите од трето до деветто одделение. Како втор изборен предмет, учениците можат да го изберат и Албански јазик од шесто до деветто одделение.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира