Првиот амбасадор на Македонија во Грција Љупчо Арсовски смета дека медијаторот во спорот за името Метју Нимиц треба да биде фер и да каже дека двете страни се далеку, далеку од решение за спорот и дека дводецениските преговори со посредство на Обединетите нации се промашени.
“Треба нови луѓе, нови генерации за доближување и од двете страни“, рече тој на панелот насловен “25 години подоцна: Местото на Македонија во глобалното семејство на нации“, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
“Но ако ги вратиме правната држава и владеењето на правото, кои ги загубивме поради одредени лични и партиски интереси, ако ги вратиме критериумите кои ги достигнавме, а ги изгубивме, Република Македонија пак ќе се приближи на европскиот пат и тоа ЕУ и НАТО ќе го препознаат“, вели Арсовски.
Експратеникот и аналитичар Ризван Сулејмани, Македонија во глобалното семејство на нации ја виде како земја која уште не си ги средила меѓуетничките односи и која треба под итно да избере: дали ќе биде мртов остров, крстопат на кој внатре ќе се судриме еден со друг, или столб на поврзување.
“Живееме заедно, но нашиот спор е механички. Не е органски. Ние треба првин да си ги средиме меѓуетничките односи и да менаџираме со работите кои не се менуваат: со географијата, со нас, кои остануваме тука на ова заедничко парче земја и со нашите соседи, кои остануваат наши соседи“, смета Сулејмани.