СКОПЈЕ Е ГОЛЕМО ЖАРИШТЕ, ОСЛОБОДУВАМЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ КРЕВЕТИ И МОБИЛИЗИРАМЕ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    СКОПЈЕ Е ГОЛЕМО ЖАРИШТЕ, ОСЛОБОДУВАМЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ КРЕВЕТИ И МОБИЛИЗИРАМЕ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕОд денеска пациенти се примаат и во монтажната болница до Инфективната клиника (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тројца пациенти со КОВИД-19 од вчера се сместени на монтажната болница до Инфективната клиника, како дополнение на постојните капацитети, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Монтажната болница е врзана со „топла врска“ со Инфективната клиника и е целосно опремена и со доктори по инфективна медицина, интернисти и медицински сестри.

    „Скопје е големо жариште во државата, во неколку скопски населби интензивно се работи на земање брисеви и епидемиолошки анкети. Ја следиме ситуацијата и во наредните седум дена очекуваме да се зголеми бројот на хоспитализирани лица, а да се намали бројот на оздравени“, рече тој.

    Сите други градови и региони, освен Скопје и делумно Тетово, се стабилни, а на тоа укажуваат и спорадичниот број случаи, и веќе идентификуваните контакти од каде новите случаи потекнуваат.

    Министерот кажа дека во моментов 330 пациенти се сместени во јавно-здравствените установи низ земјата и дека капацитетот е пополнет далеку од максимумот. Тој најави дека и приватните болници го понудиле на помош персоналот, а доколку има потреба и нивните капацитети за лекување на пациентите со КОВИД-19.

    „Во моментов  инфективните одделенија се оптоварени и медициските работници се изморени после четиримесечна борба со коронавирусот. Состојбата бара постојан надзор и реорганизација на работа“, рече Филипче.

    Во Градската општа болница „8 Септември“ денес се примени 20 нови пациенти, вкупно хоспитализирани се 109, а на респираторна машина се 7. На Инфективната клиника се примени 15 пациенти, од кои 7 се префрлени од „8 Септември“. Вкупно хоспитализирани на Инфективна се 95 пациенти, на кислородна поддршка се 43, нема пациенти на механичка вентилација. Во монтажната болница до Инфективната клиника се слободни дополнителни седумдесетина кревети, а со реорганизација ќе се ослободат уште 100 кревети во Тетово, болницата во Битола располага со 20 слободни кревети, 16 има во Кавадарци и во Охрид уште 5 места. Сите овие распределби се прават за да се намали притисокот врз Инфективната клиника и „8 Септември“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира