КОРОНАВИРУСОТ БИЛ ПРИСУТЕН ВО ИТАЛИЈА УШТЕ ВО ДЕКЕМВРИ, ПОКАЖА ИСПИТУВАЊЕТО НА ОТПАДНИ ВОДИ

    КОРОНАВИРУСОТ БИЛ ПРИСУТЕН ВО ИТАЛИЈА УШТЕ ВО ДЕКЕМВРИ, ПОКАЖА ИСПИТУВАЊЕТО НА ОТПАДНИ ВОДИИталија официјално го потврди првиот случај на коронавирус во средина на февруари (Фото: Ројтерс)

    Италијанските научници велат дека испитувањето на отпадните води во два града покажало дека коронавирусот бил присутен во земјата уште во декември, многу пред официјално да бидат потврдени првите случаи на зараза.

    Националниот институт за здравство (ИСС) објави дека во водите на Милано и Торино имало траги на вирусот уште на 18 декември, што се надоврзува на доказите од некои други европски земји дека коронавирусот кружел многу порано од она што е познато.

    Кинеските власти ги потврдија првите случаи на крајот на декември, а Италија во средина на февруари. Франција дополнително откри пациент со коронавирус од 27 декември, додека една шпанска студија утврдила траги на вирусот во отпадните води на Барселона собрани во јануари.

    Научниците на ИСС испитале 40 примероци на вода земени од северна Италија меѓу октомври и февруари. Примероците од октомври и ноември биле негативни, покажувајќи дека вирусот уште не бил стигнат тогаш. Отпадните води од Болоња покажале траги од вирусот во јануари.

    Италија беше прво големо европско жариште на КОВИД-19, кој таму однесе над 34.500 животи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира